Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Поширани јајца – протеински рај на чинија

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад  блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: поширани јајца.

Фото: Приватна архива

– Во потрага по здрав, заситен и вкусен појадок или лесен оброк? Претставуваме идеја што совршено ја комбинира едноставноста на пошираното јајце со свежината на медитеранските вкусови – „Протеински рај на чинија“ – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки:

• 3 свежи јајца
• 1 литар вода
• 1 лажица бел оцет
• Прстофат сол (по желба)

За сервирање:

• Парче протеински леб, благо премачкан со путер
• Свежа краставица, исечена во ленти
• Тофу сирење
• Маслиново масло
• Суви домати
• Оригано
• Печен сусам

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка на пошираните јајца:

Во подлабоко тенџере, загрејте ја водата сè до моментот пред да зоврие. Таа треба да биде топла со мали меурчиња, но без силно вриење. Додајте една лажица бел оцет. Оцетот ѝ помага на белката да остане компактна околу жолчката. Со лажица направете вртлог во средината на водата. Скршете го јајцето во мала чаша или сад, а потоа внимателно истурете го во центарот на вртлогот. Гответе околу 2,5 до 3 минути, додека белката не се стегне, а жолчката остане течна. Извадете го јајцето со решеткаста лажица и оставете го кратко да се исцеди на хартиена салфетка. Повторете ја постапката и за другите јајца.

Фото: Приватна архива

Сервирање – вистинска гастрономска симфонија:

Врз протеинскиот леб премачкан со путер наредете гнездо од свежи ленти краставица. Врз нив внимателно поставете го пошираното јајце. Од страна послужете парчиња тофу сирење, прелиени со маслиново масло и зачинети со оригано. Додадете неколку суви домати за медитеранска нота. Сето тоа завршете го со прстофат печен сусам за крцкав финиш.

Здрав оброк што ја храни и душата и телото

„Протеински рај на чинија“ е совршен избор за сите што сакаат да уживаат во балансиран оброк полн со вкус и хранливи вредности. Идеален е за појадок, но и како лесна вечера.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот