Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Тофу со зеленчук и ориз (веган – посно)

Дијана Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно вистинско гастрономско уживање – вегански и посен оброк, тофу со зеленчук и ориз.

– Ова е еден од омилените начини на кој го подготвувам тофуто. Тофуто е здрав извор на протеини, идеален ако сакате да ја намалите консумацијата на месо или во период на пост. Добрата страна на тофуто е неговиот неутрален вкус, кој овозможува да се подготви на многу начини и со употреба на различни состојки или зачини, ќе добиете сосема различен вкус. Тука го подготвив со мешавина зеленчуци, не мора да се тие, јас тоа имав на располагање, слободно користете зеленчуци што ги имате дома или кои вам ви се допаѓаат – вели Дијана.

Фото: Приватна архива

Состојки:

– 250 г тофу
– 1 лажица густин (нишесте)
– 2 лажици маслиново масло
– 1 младо кромитче
– 1 дланка брокула поделена на поситни делчиња
– 1 дланка карфиол поделен на поситни гранчиња
– 1 морков
– 1 дланка прокељ иситнет
– 1/2 црвена пиперка исечкана
– сол
– бибер
– сусам

За преливот:

– 2 лажици соја сос
– 2 лажици јаворов сируп
– 1 лажица кечап
– 1 лажица балсамико оцет

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Тофуто исечете го на коцки. Додајте сол, бибер и лажица густин. Измешајте го убаво, да се обложат коцките тофу со густинот.
На тава загрејте лажица маслиново масло и испржете го тофуто, да фати убава боја и да стане крцкаво однадвор.
Извадете го на чинија.
Измешајте ги состојките за преливот.
Во истата тава на лажица маслиново ставете го зеленчукот да се пржи. Мешајте го нежно и пржете додека „овене“ малку, но сепак, да задржи од крцкавоста.
Сипете го преливот врз зеленчукот и пржете кратко, додека се обложи зеленчукот со преливот.
Вратете го и тофуто во тавата и пржете сѐ заедно уште 1-2 минути. Додајте малку сусам одозгора.
Јас го комбинирав со бел ориз, но може да го јадете само со салата или во тортилја.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот