
Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Тирамису, омилен летен десерт
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.
Препорачано
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно уникатно гастрономско уживање – тирамису.
– Омилен летен десерт. Кремаст и лесен со прекрасна арома на кафе и рум – вели Дијана.
Состојки:
– 1 пакување пишкоти (400 грама)
– 6 жолчки
– 150 грама шеќер
– 160 милилитри млеко
– 450 грама маскарпоне
– 300 милилитри слатка павлака
– 400 милилитри кафе
– 4 лажици рум
– какао за поросување

Подготовка:
Растворете 4 лажички инстант кафе со 400 милилитри врела вода и оставете ја смесата да се излади. Додајте 4 лажици рум и измешајте.
Во тенџерче ставете ги жолчките и шеќерот и измешајте со жица за матење да се спојат убаво. Постепено мешајќи додајте го млекото.
Ставете ја смесата на оган и мешајте додека зоврие. Кога ќе зоврие, намалете ја температурата (кај мене беше на 4 од 9) и варете, мешајќи една минута. Тргнете го кремот од оган и покријте го со проѕирна фолија (фолијата да го допира кремот за да не се направи кора). Нека стои во фрижидер додека целосно не се излади.
Изматете ја слатката павлака.
Во ладниот крем од жолчки додајте го маскарпонето и матете додека стане сосема изедначено. Додајте ја и изматената слатка павлака и пак изматете.
Потопувајте ги кратко пишкотите во смесата од кафе и рум и редете ги во подлабок сад.
Врз пишкотите нанесете половина од кремот.
Наредете уште еден ред пишкоти и втората половина од кремот.
Покријте го садот со проѕирна фолија и оставете го неколку часови во фрижидер.
Пред послужување обилно наросете какао во прав.
Уживајте!
