
Гастрoномско уживање од Дијана Иваноска: Сендвич-колачи со овес и путер од кикиритки
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – сендвич-колачи со овес и со путер од кикиритки.
Препорачано
– Ако сте љубител на колачи, ова е рецептот за вас. Меки, тегави и полни со есенски зачини. Домот ќе ви мириса прекрасно додека се печат – порачува Дијана.
Состојки:
За колачите:
– 115 г путер
– 80 г шеќер
– 50 г кафеав мусковадо шеќер
– 1 јајце
– 1 лажиче ванила екстракт
– 100 г брашно
– 1 лажица густин
– 1/2 лажиче сода бикарбона
– 1/2 лажиче цимет
– 1/4 лажиче ѓумбир во прав
– 1/4 лажиче морско оревче
– 90 г овес
– 80 г суво грозје

За филот:
– 90 г путер од кикиритки
– 30 г путер
– 20 г шеќер во прав
Подготовка:
Загрејте ја рерната на температура од 190 степени. Во подлабок сад изматете ги кратко путерот и шеќерот.
Додајте ги јајцето и ванилата. Матете уште малку за да се спојат состојките.
Додајте го брашното, зачините и густинот. Кога смесата ќе се изедначи, додајте ги овесот и сувото грозје. Измешајте. Тестото е меко. Со лажиче ставајте топчиња со големина на орев на тава обложена со хартија за печење. Оставете место меѓу колачите бидејќи ќе се рашират додека се печат.
Печете 8-10 минути во зависност од рерната. Треба да поруменат по краевите. Кога ќе ги извадите од рерна, колачите се многу меки. Нека се изладат на тавчето.
Изматете го путерот со путерот од кикиритки и шеќерот во прав.
Изладените колачи филувајте ги со путерот и поклопете со уште едно колаче. Од оваа количина излегуваат околу 10 колачи.
Ако сакате повеќе колачиња, количината може да ја удвоите.
Уживајте во нив со шолја кафе или ладно млеко.
