
Гаши не се плаши од инциденти, Чаир не е Македонија
Не би ги свел локалните избори само на тоа како се води битката во една општина. Има 80 општини и сите се битни. Не можеме да ставиме знак на еднаквост меѓу 80 општини од една страна, и Чаир од друга. Се надевам дека декларацијата ќе допре до совеста на секој кандидат, пратеник, политички актер, дека во највисокиот законодавен дом во државата се обврзуваме дека изборите ќе бидат фер и демократски, со нивниот потпис и глас
И како претседател на Собранието и како член на Советот за безбедност, Африм Гаши вели дека нема индиции за можни поголеми инциденти на денот на гласањето за локални избори. Во контекст на мирни избори, без инциденти, в петок се очекува Собранието да донесе декларација за фер и демократски избори, за која спикерот смета дека ќе гласаат сите пратеници.
За жестоката реторика и обвинувања што секојдневно си ги разменуваат кандидатите за градоначалници на Чаир, Изет Меџити од Вреди и Бујар Османи од ДУИ, односно издигнувањето на изборите на ниво на референдум од страна на ДУИ, за Гаши не е толку битно.
Препорачано
– Јас немам никакви индиции. Ниту до мене, пак, како претседател на Собранието и член на Советот на безбедноста, стасале информации за можни инциденти и проблеми на локалните избори – рече Гаши.
На 3 ноември сонцето повторно ќе изгрее
Според него, и декларацијата што треба да ја усвои Собранието, е во насока да нема инциденти.
– Јас се надевам дека по 34 години независност и плурални избори, срамота е како општество и како држава да зборуваме повторно за поголеми инциденти. Изборите се најдобриот индикатор за развој на демократијата. Мислам дека локалните избори, колку и да се битни или небитни, не смее во никој случај да го загрозат правото на ниту еден граѓанин да ја изрази својата волја да гласа за кого сака. Собранието прави сè што може. Се обидувам сите актери да го слушнат тоа – дека политичката битка мора да биде различна од инцидентите, не ни требаат инциденти. Јас не се согласувам дека овие избори се толку битни. Битни се поради локалните проблеми на граѓаните, ама не можеме секои избори да ги сведеме на живот или смрт. Овие избори се за решавање на проблемите на граѓаните кои ги имаат во општините, локални проблеми – со канализација, водовод, чистење смет, чист воздух, чисти општини, развојни проекти… Но да се сведат локалните избори на „да се биде или не“, не се согласувам и нема никаква индиција дека тоа се зборува – вели Гаши.
Тој вели дека институциите ќе функционираат и по изборите, а на 3 ноември (на 2 ноември е закажан вториот круг од гласањето) сонцето повторно ќе изгрее. Истовремено повика на максимална смиреност, на фер и демократски избори, секој да понесе одговорност – политичките актери и активисти, граѓанското општество и медиумите.
– Не би ги свел локалните избори само на тоа како се води битката во една општина. Има 80 општини и сите се битни. Не можеме да ставиме знак на еднаквост меѓу 80 општини од една страна, и Чаир од друга. Се надевам дека декларацијата ќе допре до совеста на секој кандидат, пратеник, политички актер, дека во највисокиот законодавен дом во државата се обврзуваме дека изборите ќе бидат фер и демократски, со нивниот потпис и глас. Ако не застанат зад тоа, одговорноста е на секој што не го испочитувал својот потпис и глас. Сакаме да дадеме уште една тежина на страната на фер и демократски избори за да оставиме помалку простор на тие кои сакаат инциденти – вели Гаши.
На пленарната седница в петок треба да се усвои декларацијата за фер избори. Декларацијата ја потпишале сите координатори на пратенички групи, освен координаторот на Левица, но претседателот на Собранието се надева дека сите пратеници ќе гласаат зашто никој немал против, ниту имал забелешки.
Меџити бара Османи да зборува за локални теми
Османи веќе ги прогласи локалните избори не само во Чаир, туку генерално – за референдум за отфрлање или нормализирање на еден концепт што се обидува да се инсталира во земјава.
– Концептот е следниов: политички експеримент, каков што е Вреди, кој беше дизајниран да постигне две цели – да го поништи Охридскиот договор и да го стопи државотворниот статус на албанскиот народ и да стане ист како на малцинствата како што беше во 2001 година. Ако ги погледнете сите дејства на Владата, тие се во насока на поништување на посебниот статус што Албанците го стекнаа со Охридскиот договор, негирајќи им го јазикот, негирајќи им го правото на вето и правото за застапување или избирање на своите претставници – вели Османи.
Наспроти него, Меџити ја смирува топката и бара Османи да зборува за локални теми, откако претходно го обвини дека се сретнал со експремиерот и азилант Никола Груевски во Будимпешта и најави дека допрва ќе сподели детали од тие средби.
Меџити вели дека ДУИ настапува со стратегија дека победата ќе се мери во Тетово и во Чаир и дека Вреди го прифатила тој предизвик, но дека за нив се битни сите општини.
– Ова се локални избори, нудиме локални решенија. За другите проблеми ќе зборуваме пред парламентарните избори – вели Меџити.
Во македонскиот политички блок главна предизборна тема е најновата афера за следење на политичари, новинари и бизнисмени.