Рашела Мизрахи

Гаши ја одбра Мизрахи наместо Апасиев

И покрај апелот на претседателот на Анкетната комисија, Димитар Апасиев од Левица, дека во таков случај спикерот ќе заработи кривична пријава и дека ќе заврши пред Уставниот суд и пред Антикорупциска, претседателот на Собранието Африм Гаши пресече надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето да се одржи во Комисијата за здравство, која ја предводи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи

Надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство, а не во Постојаната анкетна комисија, пресече претседателот на Собранието Африм Гаши, и покрај апелот на претседателот на Анкетната комисија, Димитар Апасиев, дека во таков случај спикерот ќе заработи кривична пријава и дека ќе заврши пред Уставниот суд и пред Антикорупциска. Претседателка на собраниската Комисија за здравство е пратеничката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи.
Гаши не прецизира дали во Собранието ќе се одржат две надзорни расправи или одлуката расправата да биде во Комисијата за здравство значи дека ја саботира надзорната, на барање на опозициските Левица и СДСМ, која веќе е закажана за 25 февруари.

Африм Гаши / Фото: Фејсбук

– Комисијата за здравство сега соодветно ќе ја свика седницата за да се погрижи расправата да се одвива на организиран, деловнички и законски начин. Суштинско е и собранискиот надзор, но и почитувањето на Деловникот за одржување на кредибилитетот и отчетноста. Собранието останува посветено на решавање на важни јавни прашања, истовремено обезбедувајќи процедурален интегритет – соопшти Гаши.

Од ова може да се заклучи дека и да не се откаже надзорната расправа во Анкетната комисија, на неа ќе присуствуваат само опозициските пратеници и можеби неколку гости, зашто спикерот ѝ овозможи на власта да си одржи „своја надзорна“ за аерозагадувањето на која, освен пратеници од мнозинството, ќе присуствуваат премиерот, министри, инспектори, советници, градоначалници и претставници од невладиниот сектор.

Од опозициските партии велат дека не се откажуваат од надзорната расправа, иако играат и на картата дека може да не им бидат овозможени просторни услови во Собранието за расправата. Во таков случај, Левица најави дека ќе активира правни последици со кои Гаши ќе треба да се соочи. Од опозицијата велат дека Гаши ќе треба да одговори зошто нивното барање за надзорна, потпишано од 20 пратеници, не важи, а важи барањето на власта и дали пратениците од мнозинството се повеќе пратеници од пратениците на опозицијата.

Од кабинетот на Гаши во дописот информираа дека на 6 февруари Апасиев доставил известување дека надзорната расправа ќе се одржи на 25 февруари, а дел од членовите на таа Комисија на 13 февруари го известиле дека во врска со надзорната има постапувања што не се во согласност со Деловникот. Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на 17 февруари заклучила дека не биле испочитувани процедуралните правила, по што Гаши го информирал Апасиев дека закажаната јавна расправа не може да продолжи под тие околности.

Апасиев Фото: Принтскрин

Апасиев, завчера, на прес-конференција обвини дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ прават опструкции и саботажи за надзорната расправа за аерозагадувањето. Од претседателот на Собранието побара да не го зема предвид мислењето на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања и да не го опструира процесот, бидејќи ќе се соочи со правни постапки.
Барање за одржување надзорна расправа испратија и 61 пратеник од владејачкото мнозинство во Собранието, откако Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања донесе мислење. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски рече дека надзорна расправа ќе се случи со целосно почитување на одредбите од Деловникот.

На собраниската интернет-страница засега не е откажана надзорната расправа во Анкетната комисија, која треба да се одржи на 25 февруари и со која треба да претседава Апасиев. Собраниски извори велат дека се можни две варијанти – да се одржат две надзорни расправи за ефектите од аерозагадувањето – една на власта, една на опозицијата. Втората варијанта е надзорната, закажана од Апасиев, да пропадне, односно да не добие ни сала во Собранието за да може да се дебатира.

Гаши на чекор до кривична пријава и до нова интерпелација

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот