
Гарабаја: Мораме да бидеме фокусирани и да не правиме грешки против Висла
По двата порази по ред против ПСЖ и ГОГ Гудме, македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го чека непредвидливо гостување кај првакот на Полска, Висла Плоцк во ЕХФ ракометната Лига на шампионите.
Препорачано
Дуелот кој ќе се игра в среда од 18.45 часот на теренот на Висла го најавија тренерот Гарабаја и бекот на екипата, Павле Атанасијевиќ:
– Играме со Висла Плок, тим кој постојано расте и станува многу посилен. Имаат одлична атмосфера во салата и претставуваат сериозна закана за сите ривали. Играат со висок притисок и неверојатно цврста одбрана која е добро синхронизирана и разноврсна. Мораме да бидеме фокусирани и да не правиме грешки, зашто тие веднаш ќе ја искористат таквата ситуација. Брзи се во нападот и ги казнуваат сите грешки на ривалите. Ова е Лига на шампиони, тука нема простор за импровизации. Играме против најдобрите тимови во Европа и сакаме да освојуваме бодови. Се надевам дека нема да имаме кризен период во играта, како што беше случај на натпреварот со ГОГ Гудме, кога немавме добри солуции цели 15-20 минути. Мораме да одиграме перфектно во текот на целиот натпревар, само така може да се надеваме на позитивен епилог – вели тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја.
Атанасијевиќ смета дека мора добро да се анализира следниот противник во ЛШ, Висла:
– Се подготвуваме колку што можеме, имаме напорен распоред и три натпревари во само седум дена. Висла е силен противник, кој летово доведе уште подобри играчи во својот ростер, но и минатата година се претставија во одлично светло. Нивното ниво сега е уште повисоко, затоа мораме добро да ги анализираме и да се спремиме соодветно. Малку ја вративме самодовербата после победата над Охрид, таму го прикажавме нашето вистинско лице. Мечот со Вардар е во минатото, сега се фокусираме само на идните предизвици – се зборовите на Атанасијевиќ.
Мадс Хансен и Јеспер Мадсен од Данска ќе му судат на шампионот Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите на гостувањето во Плоцк.