
Француско-македонско поврзување и создавање нови дела се случува на музичката резиденција во градот Киберон
Членовите на камерниот ансамбл за современа музика „Алтус“ во овој период престојуваат на музичка резиденција во францускиот град Киберон, која е резултат на блиската соработка со францускиот диригент Паскал Галоа.
Препорачано
Флејтистката Елена Стојческа живее и работи во Франција, а во последниве три години е дел од ансамблот „Алтус“, со кој во овој период се наоѓа на резиденција за современа музика во францускиот град Киберон. Во соработка со диригентот Паскал Галоа ансамблот учествува во различни активности на резиденцијата, планирано е да одржи концерт на фестивал во Киберон, а следниот настап на ансамблот „Алтус“ треба да се одржи и во Скопје, во ноември годинава.
Како се случи членови на македонскиот камерен ансамбл „Алтус“ да учествуваат на музичката резиденција во Киберон, Франција?
– Музичката резиденција во Киберон е плод на четиригодишната соработка помеѓу македонски и француски музичари. Проектот заедно со Паскал Галоа го започнавме во 2020 година, а резултат беше формирањето на Ансамблот „Алтус“ во 2021 година. Благодарение на Паскал Краповски и Центар за едукација и музика (ЦЕМ-МКД) ансамблот се етаблира како единствен од тој вид во државата. Паскал Галоа, кој е уметнички директор на фестивалот „Les Musicales de Quiberon“ и уметнички директор на ансамблот „Алтус“, овозможи оваа година нашиот ансамбл да ја реализира резиденцијата во Киберон, каде што ја претставуваме македонската музика и култура.
Кои музичари учествуваат во резиденцијата и какви активности имате во Киберон?
– На резиденцијата учествуваат Гонца Богоромова Краповски – сопран, Мартин Димитров – виолина, Александар Лаовски – виола, Паскал Краповски – виолончело и јас на флејта. Нашиот престој има две основни насоки: поврзување и создавање. Се поврзуваме со локалната публика преку педагошки концертни активности во училиштата во Киберон, како и во домовите за стари лица. Говориме за Македонија, за македонската култура, преку дела од македонски композитори.
Освен овие концерти, за крај на резиденцијата имаме настап и на фестивалот „Les Musicales de Quiberon“. Втората насока е создавањето нова музика. Во подготовка е опера од композиторот Панде Шахов, според либрето на Јордан Плевнеш, како и премиера на дело од Филип Иванов.
До кога трае резиденцијата и кои се крајните резултати кон кои се стремите?
– Резиденцијата трае до 30 септември годинава. Почестени сме што имаме можност да се претставиме во Киберон, да го доближиме богатството на македонската музика пред публика од сите возрасти и да додадеме уште една педагошка димензија на ансамблот „Алтус“. По концертите во Салцбург минатата година, ова е втор настап на „Алтус“ надвор од границите на државата. Промоцијата на македонската современа музика е главна цел на ансамблот, продолжуваме со работа и се надеваме дека ќе ја имаме потребната поддршка за реализација на понатамошните проекти.

Диригентот Паскал Галоа повеќепати бил во Македонија и одлично ги познава квалитетот и талентот на македонските музички уметници.
Зошто избравте македонски музичари, како го направивте изборот на музичарите и која е целта на резиденцијата?
– Четири години главен дел од мојата акција е развојот на музички размени со музичари на Македонската филхармонија со цел создавање културни и креативни мостови. Така, во 2023 година бевме поканети со ансамблот „Алтус“ (14 македонски музичари) во „Моцартеум“ во Салцбург, Австрија. Надоврзувајќи се на овие првични дискусии, а како дел од фестивалот „Les Musicales de Quiberon“, побаравме финансиска помош од Европската Унија со цел да пречекаме пет музичари од Македонија за престој во Киберон. Изборот се состоеше од презентација на гудачки и дувачки инструменталисти и пејач.
Европскиот проект за септември 2024 година е само првата фаза од големиот музички и креативен проект што ќе се развива во следните години меѓу Македонија, Франција и Европа. Нашиот европски проект е финансиран во рамките на „Креативна Европа“, и се состои од резиденција во градот Киберон со цел создавање нови дела. Ова зближување меѓу Франција, каде што сум директор на конзерваториумот „Моцарт“ во Париз, и Македонија мора да даде повод за нови дела. Успеавме да ја вклучиме Европа за финансиска помош, што ќе ни даде големи перспективи во иднина – објаснува диригентот Паскал Галоа.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 248, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.09.2024)