
Француски суд издаде налози за апсење на Башар ал-Асад и шестмина поранешни сириски функционери
Суд во Франција издаде налози за апсење на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад и уште шестмина високи поранешни сириски функционери за убиството на двајца новинари за време на бомбардирањето на град под контрола на бунтовници во 2012 година, пишуваат француските медиуими.
Препорачано
Жртви беа Мари Колвин (56), американска новинарка за „Сандеј тајмс“, и францускиот фотограф Реми Ошлик (28), кои загинаа на 22 февруари 2012 година во експлозија во источниот град Хомс. Во нападот беа повредени британскиот фотограф Пол Конрој, француската новинарка Едит Бувие и сирискиот преведувач Ваел Омар.
Адвокатката на Меѓународната федерација за човекови права, Клеманс Бехтарт, истакна дека издавањето на налозите е „одлучувачки чекор што го отвора патот за судење во Франција за воени злосторства и злосторства против човештвото“ извршени од режимот на Асад.
Според адвокатот Мазен Дарвиш, нападот врз прес-центарот бил дел од експлицитната намера на сирискиот режим да ги таргетира странските новинари и да го ограничи медиумското покривање на неговите злосторства.
Налозите се издадени и за братот на Асад, Махер ал-Асад, поранешниот шеф на сириската разузнавачка служба Али Мамлук и тогашниот началник на Генералштабот Али Ајуб.
Францускиот највисок суд претходно пресуди дека налогот за апсење на Асад е неважечки додека тој бил на функција, но нов налог може да се издаде сега откако тој повеќе не е актуелен шеф на државата. Наредбата следи по истрага за нападите со хемиско оружје во Дума и Источна Гута во август 2013 година, при кои загинаа повеќе од 1.000 лица.