Амели Оудеа-Кастер / Фото EPA-EFE/TERESA SUAREZ

Француската министерка за образование критикувана бидејќи не ја навела вистинската причина зошто го запишала синот во приватно училиште

Новата француска министерка за образование предизвика скандал во новата влада на Габриел Атал по обвинувањата дека не ја навела вистинската причина за запишување на своите деца во приватни училишта, пишува Гардијан.

Само неколку дена по назначувањето на Амели Оудеа-Кастер, таа се соочува со повици да поднесе оставка откако таа тврдеше дека нејзината „фрустрација“ поради отсуството на наставници во државното училиште на нејзиниот најстар син е причината поради која го префрлила во приватно училиште.

Сепак, поранешна наставничка на синот на министерката рече дека Оудеа-Кастера и нејзиниот сопруг го смениле училиштето затоа што институцијата одбила да го запише момчето во постарата година.

„Лично се чувствувам нападната. Не бев отсутна, а и да бев, сигурно ќе беше обезбедена замена“, вели сега пензионираната наставничка од тоа училиште, која сакала да остане анонимна.

Новинарот Николас Поенкаре, чиј син учи во истото државно училиште, ја поддржа поранешната наставничка, велејќи за француската телевизија: „За осум години немаше отсуство каде што наставникот не беше заменет“.

Претставниците на синдикатот на наставниците денеска побараа официјално извинување од Оудеа-Кастер, во чие портфолио не е само образованието, туку и спортот и организацијата на овогодинешните Олимписки игри во Париз.

Оудеа-Кастер ги негираше написите на весникот Либератион, кој ја откри аферата и повика на прекин на „личните напади“ против неа.

„Не сакам да навлегувам понатаму во областа на личниот и приватниот живот. Има премногу напади на кои се обидов да одговорам што е можно поискрено. Мораме да го затвориме ова поглавје“, рече министерот.

Оудеа-Кастер, која има три деца, првично рече дека го префрлила своето најстаро дете во приватно училиште по шест месеци во државно училиште бидејќи таа и нејзиниот сопруг, Фредерик, претседател на фармацевтската групација Санофи, биле фрустрирани од „оптоварувањето со изгубени часови“ поради наводно отсуство на наставници.

„Во одреден момент ни се смачи, како родители на илјадници семејства кои решија да бараат поинакво решение“, рече таа во коментарите што предизвикаа низа критики. Оудеа-Кастер додаде дека „верува во државните училишта“.

Училиштето Станислас де Париз, каде што ги префрлиле синот и двете помали деца, е познато приватно училиште во кое, меѓу другите, учеле и принцот Алберт Први од Монако и генералот Шарл де Гол.

Со последната реконструкција на владата, претседателот Емануел Макрон се обиде да го оживее вториот претседателски мандат во кој нема парламентарно мнозинство. Со назначувањето на Габриел Атал (34) тој се обиде да ја промени перспективата на своето владеење, но засега очигледно не му успева во тоа, додека покрај овој скандал се соочува и со обвинувања за остар пресврт кон правото на неговата администрација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот