Рашида Дати, министерка за култура на Франција/Фото: EPA/OLIVIER FITOUSSI ISRAEL OUT

Француската министерка за култура под истрага – не пријавила во имотен лист накит вреден 420.000 евра

Француската министерка за култура Рашида Дати е под истрага на обвинителите за борба против корупцијата поради сомнение дека не пријавила вредна колекција накит на нејзината имотен лист. Точното пополнување и објавување на имотниот лист е обврска за сите членови на француската влада, пишува Политико.

Истрагата беше покрената откако весникот „Либерасион“ објави во април дека Дати, која се смета и за еден од фаворитите за градоначалник на Париз на изборите следната година, не пријавила 19 парчиња накит во француската Канцеларија за транспарентност, чија вкупна вредност се проценува на 420.000 евра.

Според францускиот закон, избраните функционери се должни да го пријават целиот имот во вредност поголема од 10.000 евра. Во спротивно, се соочуваат со затворска казна до три години и 45.000 евра.

Дати претходно категорично ги негираше сите обвинувања, изјавувајќи во мај дека „нема ништо што треба да се исправи“ во нејзиниот имотен лист. Нејзината канцеларија не беше веднаш достапна за коментар откако обвинителите потврдија дека истрагата е отворена „по извештаите за можни прекршувања поврзани со непријавувањето накит“.

Ова не е единствениот правен проблем со кој се соочува министерката. Во текот на летото, беше потврдено дека таа ќе се соочи со судење заедно со поранешниот извршен директор на „Рено-Нисан“, Карлос Гон, по обвинение за корупција.

Обвинителството се сомнева дека Дати добила пари за фиктивни консултантски услуги од подружница на автомобилскиот гигант, додека всушност била платена да ги промовира интересите на компанијата како членка на Европскиот парламент. Дати, исто така, ги негираше сите обвиненија во тој случај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот