Бробени ловци Миражи EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Франција ги повлекува воените сили од Чад, истото го побараа и други земји

Франција почна да ги повлекува своите воени сили од Чад, поранешен сојузник во Африка, како нов удар за намаленото влијание на Париз во нејзините поранешни колонии на континентот.

Два борбени авиони Мираж денеска се вратени во база во источна Франција, потврди армискиот портпарол, полковник Гијом Верне. „Тоа го означува почетокот на враќањето на француската опрема стационирана во [главниот град на Чад] Нџамена“, рече Верне.

Ова повлекување дојде две недели откако Чад објави крај на децениската воена соработка со Франција.

Министерот за надворешни работи на Чад, Абдераман Куламала, тогаш изјави дека земјата е „решена да одржува конструктивни односи со Франција во други области од заеднички интерес, за доброто на двата народа“. До неодамна, околу 1.000 француски војници беа стационирани во Чад.

Повлекувањето на француските трупи и растот на антипатијата во Сахел

Истиот ден кога започна повлекувањето на авионите од Чад, претседателот на Сенегал, Басиру Диомаје Фаје, исто така побара заминување на француските војници, нагласувајќи дека нивното присуство „не е во согласност“ со суверенитетот на неговата земја.

Чад долго време се сметаше за последен сигурен сојузник на Западот во Сахел, додека од 2020 година во регионот има серија воени удари кои доведоа на власт хунти со изразени антипатии кон Франција.

Во исто време, растеше антифранцуското расположение, делумно поради реалното, а делумно поради вооченото мешање на Париз во внатрешните работи на африканските земји. Буркина Фасо и Мали, каде што странските платеници се сè поприсутни во борбата против џихадистите, протераа француски дипломати и ги забранија француските медиуми. Француските трупи се повлекоа од двете земји, како и од Нигер, каде што демократски избраниот претседател Мохамед Базум, кого многумина го сметаа за премногу близок со Париз, беше соборен со државен удар на 30 јули минатата година.

Новите сојузи на Чад

Чад се свртува кон нови партнерства. Нејзиниот лидер, Махамат Идрис Деби Итно, отворено воспостави врски со Обединетите Арапски Емирати и Русија откако ја презеде власта по смртта на неговиот татко во 2021 година.

Повлекувањето од Чад го означува крајот на децениското француско воено присуство во Сахел и завршува директните француски воени операции против исламистичките милитанти во регионот.

Вернет истакна дека ќе бидат потребни неколку недели за да се финализира календарот за повлекување на војниците и опремата, за што ќе се договорат двете земји, пишува Гардијан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот