
Франција дискретно работи на решавање на македонско-бугарскиот спор
За излегување од ќор-сокакот меѓу Македонија и Бугарија, Франција има редовни контакти со двете влади, но засега нема резултат. Дискретно работиме, не даваме изјави, но треба да се каже дека изнаоѓањето решение е во интерес и на Бугарија, вели за „Слободен печат“ висок француски претставник
Политичка поддршка и посветеност, поголем интерес за земјите од Западен Балкан, целосна поддршка на евроинтеграцијата и засилување на поддршката за реформите во регионот, како и испраќање експерти-советници се клучните столбови на стратешката визија на Франција за Западен Балкан. Ова е дел од политиката на официјален Париз, кој е решен да го сврти „листот“ и конечно да стане повидлив на Балканот.
Препорачано
Иако француски официјални претставници сметаат дека недоволната „видливост“ на Франција во регионот на Западен Балкан „и е и не е вистина“, сепак признаваат дека им недостигаат силни фондации и можеби силни амбиции на Балканот.
Тоа особено доаѓа до израз по стопирањето на американската помош, а Французите со жалење констатираат дека немаат, на пример, никаков фонд за граѓанското општество на Западен Балкан, бидејќи досега биле концентрирани главно на нивните поранешни колонии. За тоа не можат да бидат замена ни парите од француската Агенција за развој којашто е формирана уште во 2019 година и во која се одвоени 1,3 милијарди евра за долгорочни проекти во регионот, наменети за транспортни и енергетски проекти и за билатерални договори со локалните власти.
Идејата на Франција е да има поголемо присуство на француски компании во регионот особено со напредокот на евроинтегративниот процес.
Кога станува збор за евроинтеграциите, француските официјални претставници не ги прифаќаат забелешките дека токму новата методологија за проширување што ја предложи и образложи францускиот претседател Емануел Макрон беше „кочницата“ на целиот процес, особено за Македонија. Напротив, нивниот став е дека таа, сега веќе не нова, методологија значи модернизиран пристап кон проширувањето и го прави процесот поодржлив и покредибилен, поткрепувајќи го своето тврдење со зборовите „сите се дел од Европа“. Но, висок претставник признава дека „штетата е веќе направена и тешко ќе биде да се поправи“. Сепак, високи кругови во Париз тврдат дека Макрон е посветен на продолжување на активностите за поддршка на интеграцијата на Западен Балкан, процес што долго време е во застој.
Каде е Македонија во тие активности?
Французите остануваат на ставот дека е неопходно решавање на билатералните спорови пред некоја земја да се приклучи кон Унијата и не се воздржуваат да прокоментираат дека на Балканот „тенденцијата е друг да се обвини“ за проблемите.
– Договорот што беше постигнат меѓу Северна Македонија и Бугарија беше најдобар можен. Не велиме дека е перфектен, туку дека е фер, а целта беше да се деблокира ситуацијата – вели висок француски извор.
Но ситуацијата стана уште поблокирана со мали шанси за расплеткување. На прашањето што прави Франција за излегување од ќор-сокакот, нашиот соговорник вели дека има редовни контакти со двете влади, но засега нема резултат. Дискретно работиме, додава тој, не даваме изјави, но треба да се каже дека изнаоѓањето решение е во интерес и на Бугарија.
Во меѓувреме, официјален Париз, барем според неофицијалните, но високо позиционирани извори, не гледа можност за преотворање на она што веќе е потпишано меѓу Македонија и Бугарија и очекува реализација на она што е договорено.
– Францускиот предлог беше компромис. Ние не ја присиливме македонската влада на ништо, но мора да разберете дека не може да се преотвори нешто што е потпишано. Нема друг излез освен почитување на договорот, а преотворањето на договореното би било болно – вели нашиот извор и додава дека сега е важно да се создаде добра клима меѓу Македонија и Бугарија.
Според него, речиси неверојатно е да се прифати и барањето на македонските власти за одложено дејство на уставните измени внесувањето на Бугарите, бидејќи како што вели, „нема одлагање, во договорот што е потпишан јасно стои кога стапуваат во сила измените“.
На прашањето дали не мисли дека е срамно што Македонија 20 години чека пред портите на Брисел за почеток на преговори, тој кусо коментира дека интензивно разговараат со македонските власти, но „не е лесно“.
Сепак, француски експерти не се воздржуваат да кажат дека ветото за Македонија во 2019 година било грешка на Макрон и „катастрофа што тешко може да се надмине“.
Според нив, за ова што се случува со Западен Балкан, вклучително и со Македонија во контекст на проширувањето, не може да се амнестира Европската Унија со оглед дека од Солунскиот самит во 2003 година досега ништо не е направено, а многу се ветуваше.
„Како Унија на Балканот изгубивме 20 години“, велат тие.
Факт е дека во процесот има застој долго време, а војната во Украина беше еден вид иницијална каписла и повик за будење на Европската Унија да го сврти повеќе вниманието кон проширувањето и да се наврати на ветувањата што ги давала, ако се земат предвид геополитичките прашања, стабилноста и нелегалната миграција.
Но, исто така е факт дека истата Европска Унија, вклучувајќи ја и Франција, треба да се потруди да го „вметне“ проширувањето во јавноста, бидејќи нејзиниот интерес за тоа е прилично ограничен. А колку ќе биде тоа остварливо во сегашните услови со промена на светот по доаѓањето на Трамп во Белата куќа, тешко е да се предвиди.