
ФОТО+ВИДЕО | „Пипл“ ја прогласи Деми Мур за најубава жена за 2025 година: „Се казнував себеси за да изгледам добро“
Холивудската ѕвезда Деми Мур искрено зборува за годините кога го мачела своето тело само за да го задржи посакуваниот изглед, додека се борела со лични несигурности и нарушена слика за себе.
Препорачано
Актерката, која денес има 62 години, годинава ја доби својата прва номинација за најпрестижната филмска награда за улогата во фантастичниот хорор филм „Супстанцијата“ (The Substance), каде игра поранешна филмска дива која зема чуден лек за да го задржи младешкиот изглед. Мур одамна зборува за тоа колку влијаеле притисоците од филмската индустрија врз нејзиното психичко и физичко здравје.
Во интервјуто за „Пипл“, кое го дава по повод изборот за најубава жена на светот за 2025 година, таа откри дел од строгоста што си ја наметнувала во минатото.
„Навистина се мачев. Знаев да возам велосипед од Малибу до студиото на ‘Парамонт’, тоа се околу 40 километри, само затоа што премногу ми беше важно како изгледам однадвор“, раскажува Мур.
Денес нејзиниот однос кон телото и здравјето е многу поинаков.
„Најголемата промена е што сега ми е важно да се чувствувам добро, да бидам здрава и да живеам квалитетен живот. Станав многу понежна кон себе. Порано бев многу строга. Имав чувство дека моето тело ме предава, па сакав да го контролирам. Денес тоа чувство го нема – денес имам мир со себе“, додава актерката.

Раскажува дека сега му верува на телото, на пр. го слуша кога ќе ѝ каже дека е гладна или жедна.
„Повеќе не се водам од страв. Сега живеам многу повеќе во склад со себе“, вели таа.
Новата рутина за нега на себе вклучува кратки медитации и водење дневник, а се храни со разновидна и здрава храна.
„Не јадам месо, но јадам јајца. Свесна сум дека грижата за себе почнува однатре. Сфатив колку е важен сонот. Не сум совршена, сè уште понекогаш пијам енергетски пијалак, но тоа е едно на ден“, открива Мур со насмевка.
Во едно претходно интервју, таа спомена дека токму преку улогата во филмот „Супстанцијата“ пронашла чувство на ослободување.
„Знаев дека во филмот ќе има кадри што ги покажуваат моите несовршености, но токму тие ми помогнаа да се прифатам таква каква што сум. Морав да се откажам од потребата за совршенство. И токму тоа беше најголемата слобода“.