
ФОТО+ВИДЕО | Најубавото село во Англија е „преплавено“ од туристи: Жителите на Бибери веќе не можат да се носат со гужвата
Некогаш мирно прибежиште во Котсволдс, селото Бибери денес се соочува со последиците од сопствената убавина. Уште во 19. век поетот Вилијам Морис го опишал како „најубавото село во Англија“, а годинава „Форбс“ ја потврди таа титула. Но денес идиличните сликички од Бибери се речиси невозможно да се доживеат во мир – тесните улички се секојдневно блокирани од туристички автобуси и маси посетители во потрага по совршен селфи, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Од околу 600 жители, многумина велат дека животот станал неподнослив.
„Имаме прекрасно место кое сакаме да го споделиме, но нивото на туризмот и толпите луѓе го направија животот тука непријатен, а инфраструктурата не издржува“, вели Лин Едвард, жителка на селото.
Посетителите, според неа, не остануваат доволно долго да ја почувствуваат историјата или убавината на Бибери.
„Сè е само за една фотографија“, додава таа.

Бројот на туристи драматично се зголемил последниве години, особено поради популарноста на социјалните мрежи. Локалните власти размислуваат за ограничување на влезот на автобуси и промена на паркинг режимот околу Лабуѓиот мост, симбол на селото.
Попладне, тесното паркиралиште е преполно, туристи со мобилни телефони и стативи ја блокираат улицата, а дваесетина минути подоцна веќе исчезнуваат – оставајќи зад себе неред.
Некои жители велат дека економскиот бенефит е минимален, бидејќи туристите остануваат во просек само по 20 минути и не ги користат локалните ресторани или пубови. Но други, како сопствениците на рибната фарма „Бибери трут фарм“, признаваат дека без туризмот би било тешко да се опстане и планираат нов паркинг на периферијата.
Новинарката Викторија Самерли, која живее во Бибери од 2012 година, предупредува дека туристите често пати фотографираат приватни домови без дозвола и создаваат конфликти. Персоналот во локалниот паб „Катрин фарм“ признава дека без посетители не би преживеале, но често чувствуваат дека жителите се третирани како „глумци во жив музеј“.
„Ова трае со години,“ вели еден од гостите. „И за жал, нема да се реши во блиска иднина“.