Прес-конференција на Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје / Фото: „Слободен печат“ - Слободан Ѓуриќ

ФОТО+ВИДЕО | Марковски: Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето

„Независни заедно” ги повика сите скопјани, поединци и групи, да се приклучат и заеднички да изградат нов чесен, стручен и транспарентен модел на управување посветен на јавниот интерес.

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Горан Марковски и носителката на советничката листа за советници во Град Скопје на граѓанската платформа „Независни заедно”, Јана Белчева Андреевска, на денешната прес-конференција во Парк Авионче во Аеродром ја истакнаа опасноста од загадувањето предизвикано од депонијата Вардариште и штетите кои ги предизвикува за околината и луѓето, и претставија предлози за нејзино трајно решавање.

Прес-конференција на Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје / Фото: „Слободен печат“ – Слободан Ѓуриќ

Марковски истакна дека решението кое долго време се игнорирало мора да биде стручно.

„Не се преземени никакви стручни мерки за тоа што ќе се прави со гасовите коишто се ослободуваат од распаѓањето на ѓубриштето. Во околу ѓубриштето има голема количина на метан. Метанот е лесно горлив материјал и мала искра предизвикана од било што може да предизвика пожар. Ние сме за трајни решенија коишто ќе им овозможат на скопјани да дишат нормално, особено на оние наши сограѓани кои живеат во околината на Вардариште. Постојат методи, стручни методи денес и многу актуелни. Постои можност оваа енергија којашто денес ни создава проблем да ја искористиме и за производство на електрична енергија. Само треба знаење, одговорност и секако независност.” вели Марковски.

Тој порачува дека за да се реши проблемот со депонијата постојат неколку пристапи, како собирање на метанот и негово пренамена во електрична енергија.

Прес-конференција на Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје / Фото: „Слободен печат“ – Слободан Ѓуриќ

„Едниот пристап е да со помош на одредени цевки се собере метанот и потоа се одлучува што ќе се прави со него. Со него меѓу другото може да се користи и за производство на електрична енергија. Постојат и други методи коишто се веќе применети на над 200 локации во Европа.”

Андреевска истакна дека за депонијата има многу стручни насоки како да се тргне од листата на црни точки на градот кои досега се игнорирани.

„Ако се следеле чекорите само со спроведуваме на ЛЕАПот: како чистење на дивите депонии, рекултивација на Вардариште според стручните студии, модернизација на системите за исцедок и гас, и зајакнување на селекцијата и рециклирањето, веќе ќе имало резултати. Затоа, основа за нашето работење нема да бидат нови стратешки документи, туку исполнување на усвоените планови, и усогласување со безбедносните стандарди за заштита.” рече Јана Белчева Андреевска.

Прес-конференција на Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје / Фото: „Слободен печат“ – Слободан Ѓуриќ

Таа смета дека планот за решение истовремено треба да е реален и модерен и предложи затворање на просторот за диво депонирање, воведување 24 часовна контрола и термални камери и дронови за откривање жаришта и новите истурања.

„Нам сојузници во овие напори мора да ни бидат граѓаните кои се будни, свесни и бараат промени и ќе го дадат гласот за оние кои веќе биле активни, и ќе продолжат да работат за јавниот интерес – а тоа е чист воздух и здрава животна средина” вели Белчева Андреевска.

„Независни заедно” ги повика сите скопјани, поединци и групи, да се приклучат и заеднички да изградат нов чесен, стручен и транспарентен модел на управување посветен на јавниот интерес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!