
ФОТО+ВИДЕО | Историски концерт во Рио: Два милиони луѓе пееја со Лејди Гага на Копакабана
Поп-иконата Лејди Гага приреди спектакуларен и бесплатен концерт пред повеќе од два милиони луѓе на прочуената плажа Копакабана во Рио де Жанеиро, кој е нејзин најголем настап досега. Концертот, организиран и финансиран од градските власти, беше дел од поширока иницијатива за економски подем на бразилската метропола, со очекувања дека ќе донесе преку 100 милиони долари во локалната економија, пишува Би-би-си.
Препорачано
Настапот беше дел од промотивната турнеја за нејзиниот нов албум „Mayhem“, кој ја бележи нејзината прва посета на Бразил по цели 12 години. Илјадници фанови, попознати како „Мали чудовишта“ (Little Monsters), почнаа да се собираат уште од раните утрински часови, со часови чекајќи да влезат во обезбедената зона. Настанот го следеше масовна безбедносна операција со 5.000 полицајци, метал детектори, дронови и камери за препознавање лице.

Гага, видливо емотивна, се обрати на публиката развејувајќи бразилско знаме и рече: „Чекавте 10 години на мене. Сега сум тука и подготвена да дадам сè од себе“.
Таа настапи во костими инспирирани од бразилската култура и националниот фудбалски тим, пеејќи ги своите најголеми хитови како „Poker Face“, „Alejandro“, „Bad Romance“ и новата „Abracadabra“, додека масата ја следеше програмата на огромни екрани поставени долж плажата.

Меѓу фановите имаше и оние кои патувале со часови, па дури и со ноќни автобуси, од различни делови на земјата. „Лејди Гага вреди секој чекор,“ рече една посетителка, а други истакнаа дека ја сакаат бидејќи ги охрабрува да бидат свои, без срам и страв.
Концертот заврши во стил со „Bad Romance“, додека Гага порача: „Ние сме чудовишта, а чудовиштата никогаш не умираат“.
ФОТО+ВИДЕО | Вистинска гордост: Македонец ја доби главната улога во новиот спот на Лејди Гага