
ФОТО+ВИДЕО | Инцидент на Рузвелтова: Моторџија во расправија со полицијата откако возел брзо, ѝ пресекол пат на жена
Вечерва кај кафе-барот „Рузвелт“ на улицата „Рузвелтова“ во Скопје беше забележано зголемено полициско присуство. Според очевидци, станува збор за маж кој возел мотор со голема брзина и ѝ го пресекол патот на жена што управувала автомобил.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Инцидентот започнал уште на булеварот „Партизански одреди“ кај „Сити мол“, кога моторџијата чекал на семафор заедно со жената во автомобилот, велат очевидците за „Слободен печат“. Кога се запалило зеленото светло, моторџијата поради нешто реагирал гневно и започнал да вика и да ѝ сигнализира да застане. Неколку стотици метри во правец кон Центар, мажот на мотор ја принудил жената да запре, викајќи и заканувајќи се. Тој го оставил моторот пред нејзиниот автомобил на сред булевар и удирал по колата, по прозорците, обидувајќи се и да ја отвори вратата и насила да ја извади жената.
Мачната сцена ја следеле десетина шокирани минувачи, меѓу кои и родители со деца. По неколку минути, жената успеала да помине со автомобилот и да тргне по „Партизанска“, но мажот повторно се качил на моторот и продолжил да ја следи, додека таа со автомобилот бегала и свртела десно на „Рузвелтова“. Во меѓувреме, минувачите-сведоци на насилството ја повикале полицијата, која го запрела моторџијата кај кафе-барот „Рузвелт“.

По ова, дошло до расправија меѓу мажот и жената, а потоа и со полицијата, која го опколила агресивниот моторџија. Тогаш, на местото на настанот случајно се најде репортер на „Слободен печат“ кој ги праша полицајците што се случува, но тие не одговорија и не му дозволија да се доближи до местото.
Засега нема информации дали мажот е приведен и каков е исходот од интервенцијата, за што очекуваме официјални информации од МВР.