Вардариште - Дива депонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Вардариште -Фото Слободен печат - Методи Здравев

ФОТО+ВИДЕО | Дишат ли надлежните друг воздух, па не преземаат ништо со „Вардариште“?

Со години наназад „Вардариште“ е задолжителна тема во предизборната кампања која потоа, за жал брзо се заборава. Се ветуваа и спортски терени и паркови и расади со ружи на нејзино место, но депонијата и натаму опстојува и го труе Скопје.

Иако со децении е официјално затворена, депонијата „Вардариште“ продолжува да го труе Скопје и да го загрозува здравјето на граѓаните. Ниедна градска власт досега не успеа да најде решение за овој сериозен еколошки проблем и покрај многубројните најави за чистење, ревитализација на просторот, оззеленување и слични идеи на градоначалниците, кои се покажа дека е полесно да се најават отколку да се реализираат.

Депонијата интензивно се користела за фрлање на комуналниот отпад на Град Скопје до 1997 година, кога е отворена „Дрисла“. Сега на тој простор, каде со години натрупуваниот отпад се распаѓа, се наоѓа претоварна станица на ЈП „Комунална хигиена“ во која се носи комуналниот отпад, се врши примарна селекција и се носи на градската депонија „Дрисла“. Но, покрај претоварната станица, остатокот од огромната површина е необезбедена и незаштитена од недозволено фрлање отпад, а потпалувањата се речиси редовна појава од која најмногу страдаат жителите од Гази Баба, Аеродром и од Ново Лисиче.

Вардариште - Дива депонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Вардариште – Дива депонија – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Последниот пожар на „Вардариште“ се случи викендов, кој беше обемен и постоеше опасност да се прошири надвор од депонијата, па од безбедносни причини беше исклучен далекуводот што ги снабдува трафостаниците „Аеродром” и „Исток“ за безбедно гаснење на пожарот и спречување поголеми дефекти на мрежата.

Поради тоа, граѓаните не само што се гушеа од токсичниот чад што се ширеше од депонијата, туку делови од населбите Аеродром, Лисиче, Методија Андонов Ченто, индустриската зона, Кванташки пазар, како и селата Арачиново, Стајковци, Трубарево и Бунарџик со часови останаа без струја.

Вардариште - Дива депонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Вардариште – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Скопјани по социјалните мрежи одново ги повикувааt надлежните да го исчистат „Вардариште“ или барем да оневозможат пристап на просторот за да не се истура нов отпад, да не може никој да влезе и да го пали. Граѓаните прашуваат дали надлежните дишат друг воздух, па затоа досега ништо не преземаат.

Со години наназад „Вардариште“ е задолжителна тема во предизборната кампања која потоа, за жал брзо се заборава. Дека хартијата трпи сѐ, пример е предизборната програма која ја промовираше на последните локални избори градоначалничката Данела Арсовска заедно со ВМРО-ДПМНЕ. Во неа, како еден од стратешките проекти беше наведен – зелена зона „Вардариште“.

Вардариште - Дива депонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Вардариште – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Решение за зелено Скопје е секоја дива депонија да ја претвориме во парк. Затоа уште од првиот ден ќе се зафатиме со решавање на едно еколошко прашање од највисок интерес за Скопје и скопјани. Ќе ја ревидираме старата студија за просторот „Вардариште“, а потоа ќе започнеме со потребните активностои за преадаптација на ова запуштено место во зелена зона, негово оградување, зазеленување, изградба на спортско-рекреативни терени. Целта ни е сликите за загадено „Вардариште“ да заминат во историјата, а овој нов зелен појас да стане омилено катче за граѓаните во тој дел на градот – пишуваше во програмата „За модерно Скопје“.

„Вардариште“ го труе Скопје, граѓаните молат за спас од депонијата

Во јануари минатата година Арсовска заедно со екипа од Град Скопје ја посети депонијата и оттаму ја информираше јавноста дека за прв пат по 60 години започнува целосно чистење и санација на старата градска депонија.

Во студијата изготвена за градот Скопје во 2014 година, која беше игнорирана од двајца претходни градоначалници беше констатирано со примероци од подземна вода, отпад од телото на депонијата и присутните гасови, дека депонијата е во метанска стабилна фаза, а согласно гантограмот од динамиката на работите, времето за реализација на еден ваков комплексен проект изнесува 26 месеци. Со варијантата со која би се задржале далноводите на својата местоположба, се прави заштитен појас од 12 метри лево и десно, по што следи изградба на спортски игралишта, одвоено од остатокот на локацијата со зелена зона со високо зеленило – соопшти Арсовска.

Според неа, на северозападната страна планирани беа дополнителни спортски содржини и терени, за централниот и североисточниот дел расад на рози, а за јужната страна изградба на парк на 60 илјади метри квадратни.

Вардариште - Дива депонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Вардариште – Фото Слободен печат – Методи Здравев

До овој момент од тоа скопјани не видоа ништо, а од Град Скопје и од Арсовска тврдат дека е исчистен делот од депонијата.

На Вардариште нема никаков потенцијал за еко катастрофа. За прв пат по 60 години град Скопје во целост го исчисти делот на старата градска депонија Вардариште кој беше под надлежност на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и на таа локација повеќе не се генерира отпад. Во студијата изготвена за градот Скопје беше констатирано со примероци од подземна вода, отпад од телото на почвата на локацијата дека депонијата е во метанска стабилна фаза. Останатиот дел од таа локација кој се протега на 60 илјади метри квадратни е надлежност на општина Гази Баба и општината има право и обврска да го одржува или оплемени просторот, со своите инспекциски служби да делува на лицата кои се обидуваат да креираат диви депонии, а надлежност има и Министерството за животна средина кое со Државниот инспекторат може да делува за санкционирање на истите сторители како и општината. Дополнителна надлежност за дивите депонии и потпалувачите на отпад има и Министерството за внатрешни работи, велат од Град Скопје, но не одговараат што се случи со најавените спортски содржини и парк.

Физибилити студијата за санација на „Вардариште“’ беше изработена за потребите на Град Скопје во 2014 година во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски, а ја изготви Градежниот институт, во соработка со инженери, геолози, шумари, биохемичари. Целта беше да се осознае степенот на контаминација на самиот терен, почвата, водите и амбиенталниот воздух. Беше утврдено дека на локацијата може да се создаваат токсичните диоксини, но има и депониски гасови, па истражувачите апелираа да се внимава на можно формирање експлозивна смеса и палење на депонијата. Во тоа време, во буџетот на градот беа издвоени и 2 милиони денари за санација на депонијата, но повеќе ништо не се направи.

Вардариште - Дива депонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Вардариште – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Наследникот на Трајановски, градоначалникот Петре Шилегов јавно обелодени дека Град Скопје нема пари за целосно санирање на „Вардариште“.

 Според таа студија за да се изврши една примарна заштита на тој простор со технологиите кои се познати, потребно е за примарната некаде околу 25 милиони евра, а за целосна санација некаде околу 40 милиони евра средства кои Град Скопје, за жал, ги нема на располагање, рече Шилегов.

Поранешната министерка за животна средина и кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Скопје Каја Шукова, смета дека идејата дека на „Вардариште“ може да се направи спортско-рекреативен центар е илузија.

Секој што ветува спортски терени таму, мора да им одговори на граѓаните каде ќе биде новата локација за претовар на отпадот. Градот мора да има ваква станица – сите возила не можат директно да одат во „Дрисла“. Второ, Вардариште има сериозни ризици – создавање гасови и метан кој е постојана закана за експлозии ако не се направи санација – изјави Шукова и додаде дека друг проблем е тоа што кај „Вардариште“ поминува и колекторскиот систем на градот.

Вардариште - Дива депонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Вардариште – Фото Слободен печат – Методи Здравев

За граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, „Вардариште“ е симбол на политичкиот отпад. Тие бараат итно вклучување на МВР во процесот на обезбедување на депонијата за да се спречи подметнување пожари и секакви останати незаконски активности, како и ажурно и неселективно справување со сторителите.

Загрижени сограѓани веќе повикуваат на блокади. Ако граѓани треба со жив штит да ја вршат работата на институциите, значи дека институциите де факто не постојат односно постојат само за да ни ги трошат тешко заработените пари. ЗХГ е единствената политичка група во Македонија која активно бара елиминација на концептот депонирање како начин на управување со отпадот. Ако сакаме здрави и безбедни Скопје и Македонија, мора да го спроведуваме концептот „Нула отпад“ доследно, посветено и со сите сили! – велат од ЗХГ.

Оттаму посочуваат дека побарале писмено известување до каде е процесот на Град Скопје за чистење и санација на Вардариште.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот