
Фотографии на Кирил Штрков се поставени на изложба во „Рудиќ Галерија“
Втората самостојна изложба на фотографии на Кирил Штрков од 1 декември е поставена во „Рудиќ Галерија“ во Скопје. Станува збор за негово прво претставување пред домашната публика.
Препорачано
Со самостојната изложба „33“ претходно се претставил на 10-иот Фестивал на фотографија „Фотори“ во 2019 година во Риека, Хрватска, каде што учествувал заедно со државната селекција на Фото сојуз на Македонија и колекцијата на Боро Рудиќ.
На изложбата во Скопје Штрков се претставува со пресек на фото преокупации во последниве десет години. Тематски неговите фотографии прикажуваат урбани, природни и внатрешни пејзажи, а заедничко им е средбата на човекот и просторот.
Кирил Штрков е актуелен претседател на Фото сојуз на Македонија, повеќегодишен член на Организациониот одбор на меѓународниот натпревар „Фотомедиа“ во организација на Фото клуб „Елема“, како и на Организациониот одбор на „Денови на македонска фотографија“ во последните шест години.
Добитник е на над триесет награди на домашни и странски натпревари, а негови фотографии се дел од постојаната колекција на „Музејот за уметност и обрт“ во Загреб.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 108, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 декември 2021)