ЕКВ Трибјут бенд/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

ФОТОГАЛЕРИЈА: Легендите никогаш не умираат – „ЕКВ трубјут“ и „Парни Ваљак“ пред скопската публика

Македонската публика синоќа уште еднаш се потсети и со задоволство ги испеа безвременските моќни хитови на двете култни групи од југословенските простори ЕКВ и Парни Ваљак.

Емотивната и носталгична вечер, зачинета со тежок есенски дожд во Скопје создаде атмосфера за паметење и будење на стари спомени на генерациите кои растеа и се обликуваа со квалитетна рок музика, љубовна лирика и силно срочени стихови кои предупредуваа на промените на системот кои неминовно ќе дојдат и за бранот кој ќе го збрише сето она што со децении се создавало на овие простори.

ЕКВ Трибјут бенд/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

 

Настапот на култната белградска група Екатерина Велика, покажа дека нивните песни живеат и 30 години по смртта на фронтменот, Милан Младеновиќ, а публиката од просторите на поранешна Југославија е желна одново на сцена да ги слушне „Земља“, „Круг“, „Срце“, “Љубав”, “Пар година за нас“…

Интересот за концертот на српскиот трибјут бенд „Деца из воде“ насловен „Како да беше пред 30 години – Милан Младеновиќ меморијал“ во организација на Авалон во спортската сала „Јане Сандански“ е доказ дека белегот кој ЕКВ го остави на југословенската рок сцена е траен и, барем во Скопје, регрутира нова, подмладена публика што препознава квалитетен звук, и ветува дека оваа музика ќе остане да се слуша и во наредните децении.

Зад тапаните се појави српскиот актер и поранешен член на ЕКВ Срѓан Жика Тодоровиќ, а најголемите хитови ги испеа гостинката Тања Јовиќевиќ од групата „Октобар 1864“.

Тања Јовиќевиќ/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Клавијатуристката на трибјут бендот Луна Шкопеља за момент како да ја оживеа трагично починатата членка на ЕКВ Маргарита Маги Стефановиќ.

Жика Тодоровиќ и Луна Шкопеља/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Публиката ги врати на бис белградските музичари и уште еднаш ги запеаја легендарите „Круг“ и „Пар година за нас“.

ЕКВ Трибјут бенд/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Гостувањето во Скопје на ЕКВ трибјут бендот е дел од нивната есенска турнеја која почна од Белград, преку Нови Сад, Сараево до Подгорица.

По нив на сцената излегоа загребските музички ветерани „Парни ваљак“, а старите хитови кои ги испеа легендарниот пејач Аки Рахимовски, ги исполни неговиот наследник, младиот Игор Дрвенкар.

Парни ваљак/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Бендот во Скопје, градот кој што го формираше Аки како музичар, ги претстави и новите песни, повторно во карактеристичниот стил на „Парни ваљак“ кои одлично беа прифатени од македонската публика.

Парни ваљак/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

-Моравме да продолжиме зошто ние не свириме за да живееме, ние живееме за да свириме. Но за таа наша приказна да продолжи понатаму мораше да се појави нов глас, а тоа е Игор Дрвенкар, рече лидерот на хрватската рок-група „Парни ваљак“, Хусеин Хасанефендиќ-Хус.

Парни ваљак/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Дрвенкар ја вжешти атмосферата во салата цитирајќи ги стиховите кои ги испеа Рахимовски од мега хитот „Љубовна“: „Моје име није важно, јер је намјера то што чини разлику од човјека до човјека“ по што ја испеа на задоволство на скопската публика.

Првпат во Скопје и во Македонија, новиот пејач на Парни ваљак Игор Дрвенкар/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Рок хитовите и емотивните балади на двата бенда кои продолжуваат да ја оживуваат музиката и лириката по смртта на нивните фронтмени по кои станаа препознатливи покажуваат дека легендите и на овие наши балкански простории никогаш не умираат, се додека има публика која со задоволство и воодушевување ги слуша.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот