
ФОТОГАЛЕРИЈА | Гаши – Спиропали: Двете земји имаат исти цели и интереси – полноправно членство во ЕУ
Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска во законодавниот дом ја пречека претседателката на албанското Собрание Елиса Спиропали, која е во официјална посета на земјава.
Препорачано

Гаши и Спиропали одржаа заедничка прес-конференција, но за изјавата на Спиропали немаше обезбедено соодветен превод.
Гаши истакна дека двете земји на меѓународен план имаат исти цели и интереси, а тоа се полноправното членство во Европската унија, соработката во областа на одбраната во рамките на НАТО Алијансата, како и продлабочување на регионалната соработка.

– На средбата искажавме очекување и надеж дека нашите две земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција. Сметаме дека тоа е многу важно како за нашите две земји така и за останатите земји од регионот, бидејќи заедничка ни е посветеноста за сеопфатен развој на Западниот Балкан. Укажавме дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам за напредок и награди, што нé мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи, чиј краен резултат би требало да биде полноправното членство во Унијата – рече Гаши.
Како приоритети на двете земји од заемен интерес, додаде, се поефикасно користење на ЕУ фондовите и заедничко учество во нови проекти во рамки на ИПА фондовите, истакнувајќи ја потребата од продлабочување на економската соработка преку промоција на стопанските потенцијали и реализација на инфраструктурните проекти кои се значајни за напредокот и стабилноста на двете земји.

– Мора да се продолжи и со изградбата на патишта, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII, а сé со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал – порача Гаши.
Претседателката на албанското Собрание денеска е во посета на Македонија. Според најавите, Спиропали треба да се сретне со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со Талат Џафери, поранешен претседател на Собранието, како и со лидерот на СДСМ Венко Филипче.