
ФОТО: Започна големиот еко-проект „Преспа разбуди се за чиста средина“
Во атарот на селото Езерани, денеска официјално започна големата еко-акција, „Преспа разбуди се за чиста средина“, проект со кој почнува голема „чистка“ во целиот Преспански регион од бројните диви депонии и ѓубришта кои со години ги „мачат надлежните“ и ги уништуваат зелените површини Преспа.
Препорачано

На денешниот настан почетно обраќање имаше координаторот на овој проект, Дејан Ангелов од Институтот за комуникациски студии.
– Денеска официјално ја започуваме кампањата „Преспа разбуди се за чиста средина“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии во соработка со „Екогерила Преспа“ и Македонското еколошко друштво од Ресен, а е финансиски подржана од Европската Унија. Нашата Преспа со својата исклучителна природна убавина и богатство, како и долгогодишната земјоделска традиција, заслужува многу повеќе од тоа што ѝ се случува последнава деценија. За жал, регионот се соочува со сериозни предизвици во управувањето со отпадот од неселектиран отпад и диви депонии до загадени почви и води, вклучително и Преспанското Езеро. Ова не се само еколошки, туку и здравствени, економски и социјални проблеми – рече Ангелов.
На отворањето на овој проект беше присутен и градоначалникот на Општина Ресен, Јован Терзиевски кој ја истакна важноста на проектот во рамките на кој ќе има интензивно чистење на депониите од Преспанскиот регион.
– Чест ми е што денеска почнуваме проект со кој ќе се подигне свеста за чиста животна средина, затоа што ние во Преспа навистина имаме што да зачуваме. Ова, според нас, е најубавиот крај во Македонија. Ова е само мал почеток на оно што ни следи во иднина, заедно со граѓанските организации, најмладите, Општината и Европската Унија- изјави Терзиевски.

Според него, во моментот се мапирани 34 локации каде има диви депонии, а со овој проект веднаш ќе започне чистењето на осум од нив. Притоа додаде дека интензивната акција, освен чистење и собирање на депонираните ѓубришта, ќе опфати подигање на јавната свест, селекција на отпад, компостирање и слично.
Од здружението „Еко герила Преспа“ исто така го изразија своето задоволство и благодарност кон локалната самоуправа и ЕУ за дадената можност преку овој проект, како што велат, даѝ го вратат на Преспа сјајот по кој што ја паметат минатите генерации.
– Преспа од денес почнува да се буди за почиста и поубава животна средина. Сакам да кажам дека ние како „Еко герила Преспа“ веќе десет години работиме на проблематиката со отпад. Ја поздравувам оваа можност која што ја добивме и се надевам дека за прв пат можеме да направиме едно вмрежување од бизнис секторот, локалната заедница, граѓанскиот сектор, институциите со цел сите да покажеме колку многу ја сакаме Преспа и да си ја донесеме до сјајот каква што ја паметат минатите генерации и да ја оставиме така чиста на оние кои следат – рече Марија Евтимовска од „Еко герила Преспа“.

По изјавите, група млади активисти заедно со еко-здружението „Еко герила Преспа“ извршија симболично собирање отпад како почеток на оваа еко-акција, а воедно беше исчистена и една од мапираните депонии.