
ФОТО: Во забавните списанија некогаш имаше постери од глумци и пејачи, сега го има Орце Ѓорѓиевски
Во последното издание на „Бла бла енигматски забавник“, списание за енигматика и разонода, објавен е постер од актуелниот градоначалник на скопската општина Кисела Вода и еден од најзаинтересираните кандидати во ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Препорачано
На фотографијата, Ѓорѓиевски со одлучен поглед и став што зрачи со самодоверба ѝ се обраќа на публиката на некаков настан, а веднаш покрај неговата глава, речиси како текст од стрип, пишува „Блабла“. Во долниот дел, со големи букви е испишано името на градоначалникот.

Во уште еден куриозитет кој ја покажува длабочината до која продира влијанието на политиката и партиите во нашето општество – меѓу крстозборите и вицовите, на место традиционално резервирано за постери на ѕвезди од естрадата, пејачи, актери или познати спортисти, сега се најде еден политичар. „Фановите“ кои биле доволно брзи и снаодливи да го набават новиот број од 15 мај, можат да го залепат постерот на градоначалникот на ѕид или друго згодно место во своите домови или работни простории и тој да им биде постојан извор на инспирација.
Тешко е да се одгатне мисловниот процес кој му претходел на овој необичен, „пионерски“ потег на забавното списание – можеби се работи за некаков „герила“-обид за искористување на популарноста на владејачката партија за да се привлечат читатели. Или, пак, тоа е смислена промоција на Ѓорѓиевски пред неизвесното и потенцијално тензично партиско одлучување околу кандидатот за скопски градски татко – кој, со оглед на актуелните рејтинзи и проценки, со голема сигурност ќе може да смета дека ќе биде избран на високата и важна функција.