
ФОТО + ВИДЕО | Скопјани утрово се разбудија во магла и загаден воздух, најлошо е во Аеродром и Ново Лисиче
Делови од Скопје утрово се обвиени во магла и загаден воздух. Сè уште е присутна неподносливата миризба која веќе со денови се шири од депонијата Дрисла.
Препорачано
Особено е алармантно во населбите Аеродром и Ново Лисиче, каде вчера граѓаните повторно се собраа на досега најмасовен протест.
Мерните станици на мрежата Air Care, покажуваат највисоки вредности на загадувачки честички во Лисиче, 90 микрограми на кубен метар ПМ 10 и 45 микрограми ПМ 2,5, и во Гази Баба 77 ПМ 10 и 32 Пм 2,5. Повисоки вредности на загадување има и во Аеродром, Мичурин и Реонски центар.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов утрово информира дека чадењето од депонијата Дрисла е сè уште присутно, но во многу помал обем, и дека тоа не е причина за утринската магла во Скопје. Дивата депонија Вардариште, пак, е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење.
И покрај тоа што ДЗС вчера објави дека пожарот на Дрисла е под контрола, а Владата воведе забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“, како итна мерка во насока на справување со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба, последиците по здравјето ќе ги чувствуваме сите. Луѓе се жалат на отежнато дишење, печење на очите и други потешкотии.

Министерот за здравство Азир Алиу вчера се обиде да ги смири граѓаните дека загадувањето од пожарот на депонијата Дрисла досега не предизвикало здравствени проблеми кај граѓаните, но сепак им препорача на скопјани да избегнуваат непотребно движење на отворено.

Од „О2 Иницијатива“ бараат „Дрисла“ да остане во владение на Град Скопје и да се трансформира по примерот на Регионалниот центар за управување со отпад во Љубљана, а не да се дава на јавно-приватно партнерство.

Оттаму ги повикаа граѓаните да потпишат петиција за „Дрисла“ да остане под Град Скопје, а кандидатите за градоначалник на Град Скопје да се обврзат на ова и да започнат инвестирање во трансформирање од една застарена, нестандардна депонија во современ центар за управување со отпад.
„О2 иницијатива“ со петиција бара „Дрисла“ да остане во надлежност на Град Скопје