
ФОТО | Сведоштво на драматично бегство: Пронајдени стапалки од луѓе кои пред 4.000 години бегале од ерупцијата на Везув
Италијанската управа за археологија, ликовни уметности и пејзаж на провинциите Салерно и Авелино објави фотографии од човечки стапалки од 1995 година п.н.е. Тие се формирале кога луѓето и животните избегале од првата позната ерупција на Везув, таканаречената ерупција на Авелино, пишува „Лајв саенс“ (Live science).
Препорачано
„Овие отпечатоци нудат трогателно сведоштво за драматичното бегство на жителите од гневот на вулканот“, се вели во соопштението објавено на Фејсбук.
Стапалките се откриени за време на работата на италијанскиот гасовод, којa беше завршена во ноември, а биле зачувани во вулканска пепел во близина на потокот Казарцано, кој се наоѓа во близина на градот Ночера Инфериоре, на околу 13 километри источно од Помпеја.
Во соопштението на Управата се наведува дека облиците и големините на стапалките укажуваат на тоа дека се од „антропско и фаунистичко потекло“, односно од луѓе и животни, веројатно кози и овци. Се претпоставува дека луѓето што бегале биле боси или облечени во едноставни обувки додека газеле на пепелта што ја исфрлал вулканот, а не се знае дали преживеале.
Со текот на времето, луѓето се вратиле во оваа област во денешна Италија и изградиле нови населби, вклучувајќи ја и Помпеја, која била уништена за време на ерупцијата на Везув во 79 година од нашата ера, кога загинале околу 16.000 луѓе.