
ФОТО | Стиви Никс објави писмо што им го напишала на родителите пред 50 години, непосредно пред да се приклучи на „Флитвуд Мек“
Легендарната пејачка Стиви Никс (77) сподели ретко рачно напишано писмо што им го испратила на своите родители пред повеќе од половина век, во времето кога со Линдзи Бакингем го снимаше албумот „Buckingham Nicks“. Писмото, зачувано од нејзината мајка, било објавено на нејзиниот Инстаграм по повод повторното издание на плочата, која децении беше недостапна.
Препорачано
Писмото било напишано на хартија со логото на студиото „Саунд сити“ во Калифорнија, а Никс со хумор и искреност раскажува за долгите часови снимање и големите надежи.
„Уморна сум од слушање повеќе од 12 часа музика на ден, но знам дека ќе се исплати“, напишала таа.
Со иронија додава дека еден ден ќе седи во својот „мал, но луксузен дом во Беверли Хилс“ покрај базен и ќе си рече дека сето тоа вредело, дури и да мора да прави „естетски зафати“. Таа во писмото се пошегувала и со својот татко, кој на 47 години изгледал „подобро и позгодно“ од неа на 25.
Никс спомнала и една од песните што подоцна ќе се најде на албумот, истакнувајќи го талентот на Линдзи Бакингем.
„Можеби ќе влезе во историјата како еден од најголемите гитаристи. Навистина е неверојатно“, напишала таа.
Покрај шегите, Никс побарала семејството да ѝ организира „гала прослава“ за нејзиниот 25. роденден, додавајќи дека ќе прифаќа подароци од 1 мај.
Албумот „Buckingham Nicks“ првпат беше издаден во 1973 година и претставуваше голем чекор за двајцата млади музичари, кои само една година подоцна станаа дел од „Флитвуд Мек“. Токму тој период беше почеток на нивната бурна врска, но и на огромната светска слава на бендот, особено со албумот „Rumours“.
View this post on Instagram