Хана Миленковска/Одлука
Хана Миленковска/Одлука

ФОТО | Разговор со Хана Миленковска, режисерка: Околностите во кои живееме не смеат да ни го попречат чувството за создавање убавина

Во очи премиерата на новата претстава, наречена „Одлука“ во режија и авторство на Хана Миленковска, поразговаравме околу темата што таа ја носи. Што значи да се биде одлучен во едно време на френетичност и слепа динамика, кога не можеме да застанеме сами со себе и во себе и да научиме – што сме и кои сме.

Во претставата играат и се коавтори младите актери Чедомир Митевски и Мартин Ѓоргоски. Продуцент е Дино Чупевски, а графичкиот дизајн на плакатот во кој симболично е оцртано сино колибри, е на Матеја Николиќ. Премиерата е закажана за викендов, 5 и 6 март, во Младинскиот културен центар од 20 часот.

Како си Хана?

-Неприродно мирна во мигов, со оглед на тоа што се случува во светот. Не му дозволувам на стравот да се маскира во разум, и на умот да врти спирали, туку се обидувам да се фокусирам на она што можам да го контролирам и да ги завршам задачите за кои што сум дојдена на светот. А тоа е во моментов е да имам премиера на „Одлука“.

Претстава „Одлука“/Хана Миленковска/дизајнМатеја Николиќ
Претстава „Одлука“/Хана Миленковска/дизајн Матеја Николиќ

Како течеше процесот на создавањето на една ваква „Одлука“?

-Процесот почна од август и трае и сега. Претставата беше создавана долго и во неизвесни услови, без финансиска сигурност и буџет. Ние сме тројца млади луѓе кои немаат можност и услови да инвестираат во своето дело. Сите соработници кои ни дојдоа од страна беа повеќе како „патници –намерници“ кои  ги одбравме да присуствуваат „случајно“ на нашите проби и го дадоа својот увид, својата критика, стручно мислење и потпомогнаа таму каде требаше да се помогне.

Процесот беше прекрасен од аспект на тоа што ние тројцата како уметници бевме затворени, херметично речиси. Иако имавме соработка со многу луѓе, внатре во процесот доста созреавме ние тројцата. Од лични причини би рекла дека за мене тоа е убава работа затоа што имав прилика да работам со двајца млади уметници, луѓе кои созреаја пред мене на прекрасен начин, а истовремено и јас созреав и научив од нив доста работи. Доста си го дисциплинирав и трпението со оглед на условите во кои што создававме, но имавме доста голема морална поддршка од заедницата.

Каде се случуваа пробите, целосното „градење“ на претставата?

-Работевме во Јадро, со прекини, имавме три прележувања на коронавирусот, сите тројца вклучени во претставата, имавме други професионални и академски обврски и сето тоа трае . Исто така пробувавме и во Котур, беше занимливо да се пробува на различни места.

Хана Миленковска/А.Г.Џ
Хана Миленковска/А.Г.Џ

Која е фабулата, во одлуката за да се случи „Одлука“ како уметнички израз?

-Мене отсекогаш ме интересирало да се занимавам со тоа како луѓето носат, донесуваат одлуки, особено кога почнав да созревам и да сфаќам дека нема кој да ме спаси (се смее).

Дека морам сама да се спасам. Во изминативе две години научив многу повеќе да се потпирам на себеси одошто на било кого друг и тоа ми помогна да правам посериозна интроспекција на тоа што правам, каде сум, кои се механизмите со кои што се служам за да донесам одлука. Истражував доста и од научен аспект, седнав неколку месеци да читам за невронаука за да ја остварам приказната.  Мислам дека е добро да се фатиш сам со себе „во костец“ за да видиш каде си. За еден авторски процес, особено на млад автор, тоа е одлична појдовна точка.

Што те „болеше“ во процесот на креирањето?

-Во одредени мигови кога требаше да влевам волја во другите, јас се борев со сопственото постоење. Сфатив дека не можам да сум строга со другите, колку што сум со себе, и сфатив дека сум престрога и со себе, всушност.

Ако ова боли, што е убавината, уживањето во процесот?

-Не ги делам тие два ентитети во моето постоење, тоа не се категории што се раздвојуваат, туку секогаш се преплетуваат. Уживав во се’, во сојузништвото најмногу.  Се чувствував како да сум поддржана во каузата што ја имам, што ја гледам некаде на хоризонтот. Како да имам со мене сојузници со кои одам кон неа.

Самата кауза е прво да препознаеме кај себе какви се нашите механизми, да размислуваме за можностите како да се справиш во процесот на донесување одлуки. Што досега. Ајде да видам како стигнав до овде? Па можеби од тука и – Што отсега?  И сликата се шири од микро кон макро ниво. Затоа што „Одлука“ не е направена само за нас како поединци. Во претставата, материјалот не е автобиографски.

Методот на вежбите беа со нашите лични искуства, но самата креација на крајот е независна од нашите животни приказни.

Претстава „Одлука“/Хана Миленковска/дизајнМатеја Николиќ
Претстава „Одлука“/Хана Миленковска/дизајнМатеја Николиќ

Живееме помеѓу многу одлуки… Која е за тебе најтешката одлука по сево ова? Што ќе си кажеш сама на себе?

-За мене, најважното заврши. Нашите лични процеси и нашите созревања низ процесот на работа на сите тројца ни беше неопходна, и во ова тешко време, многу добро ни дојде да се соочиме со одредени работи и сознанија. Што отсега? По целиов период, ќе се одморам барем една недела. Или веројатно нема да го имам тој луксуз.

Што можат да (не) очекуваат љубопитните гледачи викендов на премиерата на „Одлука?“

-Претставата сега веќе не е моја. Во моментот кога луѓето ќе ја видат, таа веќе не е моја. Нам ни беше важно да сме чесни пред себе и во изразот. Да бидеме едноставни, со чист израз авторски и технички, да не го обремениме со непотребни средства. Дури на моменти можеби некои делови сеуште ни делуваат банални, но самите решивме дека ќе исчекориме и со тоа чувство, такви какви што сме.

Во текот на претставата има серија (не)смешни скечеви поврзани со процесот на донесување одлуки. Кохерентни сме онолку колку што е кохерентно времето во кое опстојуваме. Со претставата сакаме да стигнеме до „атомот“ на слободната волја. Темата за недостатокот на социјален такт кој го сведочиме едни кај други е директно поврзан со осаменоста и изолираноста која ја живееме во моментот. Токму затоа, околностите во кои живееме не смеат да ни го прекинат чувството за создавање убавина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот