Спасен параглајдерист од Германија / Фото: Спасувачка служба Охрид

ФОТО: Параглајдерист од Германија извлечен од карпест предел на Галичица, паднал од голема височина

Планинската спасителна служба во Охрид вчера извлекла параглајдерист од Германија кој од неутврдени причини паднал од поголема височина на исклучително непристапен и карпест терен на падините на планината Галичица.

Службата добила повик вчера попладнето околу 18:30 часот од група параглајдеристи кои ги информирале за незгодата и побарале помош.

Во тој момент тројца спасители на ПСС се наоѓале во планинарската куќа „Спиридон“, каде е лоцирана и спасителната станица на Службата, со специјализирана техничка опрема за интервенции во таков регион.

Веднаш по дојавата, екипата за само 15 минути стигнала до местото на несреќата, извршила имобилизација на повредениот, по што отпочнал комплексен транспорт на повредениот по стрмен и тежок терен. Дополнителна отежнувачка околност било што активностите се одвивале во ноќни услови.

„По повеќе од еден час напорна интервенција, во 20:20 часот, повредениот беше безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба, каде беше предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид. Од таму, тој веднаш беше пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде, за жал, му беа констатирани фрактури на пет пршлени во долниот дел на рбетот“, информираат од Планинската спасителна служба.

Од спасувачката служба апелираат до сите посетители на планината за претпазливост и одговорно уживање во преубавиот есенски амбиент на Галичица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот