Фотографијата на малечкиот Мухамед во Њујорк Тајмс/Фото: Скриншот

ФОТО: „Њујорк тајмс“ ја поправи приказната за изгладнетиот малечок Мохамед од Газа: Тој има други здравствени проблеми

„Њујорк тајмс“ објави корекција на приказната за изнемоштениот мал Мохамед од Газа, појаснувајќи дека сликата од детето што го шокираше светот не е само поради глад, туку и дека детето страда од одредена болест.

Фотографот изјавил дека ги сретнал и ги фотографирал малиот Мохамед и неговата мајка, во импровизиран шатор што бил „како гробница“ во градот Газа. Со сликата од малиот, сакал да му покаже на целиот свет како децата во палестинската енклава страдаат од глад.

Сепак, како што сега објавува весникот, Мохамед наводно има и „претходни здравствени проблеми“, кои не беа споменати во оригиналната верзија на извештајот.

„Неодамна објавивме сторија за најранливите граѓани на Газа, вклучувајќи го и Мохамед Закарија ал-Мутавак, кој има околу 18 месеци и страда од тешка потхранетост. Оттогаш добивме нови информации, од болницата каде што се лекувал и од неговите медицински картони, и ја ажуриравме сторијата со информации за неговите претходни здравствени состојби“, изјави портпаролот на „Њујорк тајмс“.

Објаснувањето од Њујорк Тајмс

„Овој дополнителен детаљ им помага на читателите подобро да ја разберат неговата состојба“, објави весникот.

Сликата на малото момче, со коскесто лице и ‘рбет јасно видливи под кожата додека неговата мајка го држи, го обиколи светот, предизвикувајќи интензивни емоции и беше широко користена како симбол на гладот во Газа, во услови на конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Сепак, неколку дена подоцна, произраелската организација HonestReporting истакна поинаква слика: на друга фотографија направена во исто време, постариот брат на Мохамед, Џуд, може да се види во позадина, во многу подобра физичка состојба.

Во исто време, мајката на детето откри – во телевизиски извештај на Си-ен-ен – дека Мохамед страда од „мускулно нарушување“, за кое прима специјализирана исхрана и физиотерапија. Како што рече таа, нејзиното дете е „среќно“ и може да „стои исправено“.

Иако „Њујорк тајмс“ не ја наведува природата на здравствените проблеми на детето, новинарот Дејвид Колиер, познат по своите произраелски позиции, се повика на медицински извештај од мај 2025 година, според кој Мохамед страда од церебрална парализа, хипоксемија и сериозно генетско нарушување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот