Фото: EPA-EFE/ERIK S. LESSER

ФОТО+ВИДЕО | Настапот на Кендрик Ламар на Супербол под очекувањата: Повторно го прозва Дејк и се случи инцидент со знаме на сцената

Американскиот рапер Кендрик Ламар испиша историја како првиот соло хип-хоп артист кој настапи како главна ѕвезда на полувремето на Супербол, кое годинава се одржа во „Цезарс Супердоум“ во Њу Орлеанс, пишува Си-ен-ен.

Неговиот настап, кој траеше нешто помалку од 13 минути, беше импресивна комбинација од музика, социјални коментари и изненадувачки гостувања.

Актерот Семјуел Л. Џексон го отвори шоуто облечен како чичко Сем, најпознатата национална алегорија на САД, по што Ламар започна со изведба на неговите хитови, вклучувајќи ги „Squabble Up“, „Humble“, „DNA“ и „Peekaboo“.

Исто така, тој ги испровоцира гледачите во врска со неговата песна „Not Like Us“.

„Сакам да ја изведам нивната омилена песна, но знаете дека сакаат да тужат“, рече Ламар.

Кендрик Ламар и Сиза / Фото: Imagn Images / ddp USA / Profimedia

Песната е дел од виралниот рап-дуел помеѓу Ламар и раперот Дрејк од минатата година, кој резултираше со комплициран судски случај.

Наместо тоа, Ламар беше следно придружен од пејачката Сиза, со која ги отпеа нивните песни „Luther“ и „All the Stars“.

Потоа ѝ го даде на публиката тоа што го сака – ја изведе неговата досега најголема хит-песна, „Not Like Us“, иако го изостави зборот „педофил“ од контроверзниот стих насочен кон Дрејк. Публиката му помогна на Ламар, пеејќи го прочуениот стих „A Minor“, кој стана препознатлив дел од песната.

Тениската легенда Серена Вилијамс, исто така, се приклучи на настапот, танцувајќи во чест на Комптон, Калифорнија – нејзиното родно место, од каде потекнува и Ламар.

Серена Вилијамс / Фото: Emilee Chinn / Getty images / Profimedia

Инцидент со знаме на сцената

Во текот на изведбата, обезбедувањето зад сцената приведе лице кое развиори знаме, кое изгледаше како комбинација од суданското и палестинското знаме, со зборовите „Газа“ и „Судан“ испишани на него.

Портпарол на Националната фудбалска лига за Си-ен-ен изјави дека лицето било дел од 400-члената екипа што настапувала во шоуто.

„Лицето го сокрило знамето и го извадило при крајот на настапот. Никој од продукцијата не бил свесен за неговата намера,“ се наведува во соопштението.

Претставник на „Рок нејшн“, кој го продуцираше шоуто, додаде: „Овој чин не беше планиран ниту дел од продукцијата и никогаш не беше вежбан во пробите“.

Втор настап на Ламар на Супербол

Ова беше вторпат Ламар да настапи на Супербол – претходно беше дел од спектаклот на полувремето во 2022 година во Лос Анџелес, кој беше посветен на хип-хопот и вклучуваше ѕвезди како Д-р Дре, Мери Џ. Блајџ, Снуп Дог, Фифти-сент, Еминем и други.

Ламар на паметен начин го затвори настапот со песната „TV Off“.

Неговото шоу беше особено очекувано, особено што настапи една недела откако освои пет статуетки на годинашните музички награди Греми, вклучувајќи ги песна на годината и снимка на годината за „Not Like Us“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот