
ФОТО | Љубов што трае цел живот: Младенци го потрошиле буџетот за свадба за да го спасат својот миленик
Американката Хедер Џонстон призна дека го насочила „целиот свој буџет за свадба“ за да го спаси своето куче Елвис, кое има 15 години и во последно време се соочува со несвестици и напади од непозната причина.
Препорачано
„Секогаш сум велела дека Елвис е на прво место“, вели Џонстон за „Пипл“.
Таа и нејзиниот свршеник Ендрју Бокуци сега повторно го осмислуваат својот голем ден – сакаат да организираат интимна церемонија на која Елвис ќе биде присутен, а големата свадба ќе ја одложат за подоцна, кога ќе можат да си ја дозволат.

За Хедер и Ендрју, одлуката била лесна: парите за свадба да одат за скапи ветеринарни третмани значело надеж за продолжување на животот на нивниот сакан миленик.
„Кога ќе го потрошиш целиот буџет за свадба за да го спасиш своето 15-годишно куче,“ напиша таа во текст кој стоеше врз видеообјава на Инстаграм, снимена во ветеринарна болница. Во описот додаде: „Би дала сè што имам за ова малечко“.
Џонстон, сопственичка на дневниот центар и пансионот за миленици „Литл поус“ во Мејн, признава дека видеото го објавила со малку хумор, иако ситуацијата е многу сериозна – Елвис често паѓа во несвест и има напади.

„Тој живее подобар живот од мене затоа што му го должам својот живот. Откако се изборивме со првиот шок од цената, одлуката беше очигледна. Не се шегувам кога велам дека го сакам повеќе од сè (освен можеби од мојот свршеник)“, раскажува таа.
Елвис е со Хедер од нејзините средношколски денови. Тогаш, нејзината почината сестра го забележала во прифатилиште и ја поттикнала да го земе.
„Јас бев првата личност која тој ја пушти да го држи. Оттогаш сме неразделни“, вели таа.

Од тој миг, кучето ѝ било постојан придружник – со неа поминало низ смртта на сестрата, матурирањето, факултетските денови, разводот на родителите, сите врски и нови станови, првите работни места и основањето на сопствениот бизнис.
„Тоа е мојата најголема константа во животот. Луѓето нè знаат како едно. Ако се појавам без него, веднаш ме прашуваат каде е“, вели таа.
Трошоците за третманите ги принудиле младенците да се вратат на почеток со планирањето. Но, едно нешто е јасно – Елвис мора да биде дел од нивната свадба.

„Прво замислувавме едноставно венчавање во дворот на крајот на летото, со најблиското семејство, за Елвис сигурно да биде таму. А потоа, по една-две години, поголема прослава, можеби со изнајмување куќа во Италија,“ објаснува Џонстон.
„Секогаш сум вознемирена околу парите, па мислев дека треба да почекаме уште една година за да бидеме посигурни. Но сега планот е да направиме нешто мало со Елвис и подоцна да организираме голема забава,“ додава таа.
Иако сметките биле високи, младенците немаат каење. Минатиот месец Џонстон се плашела дека Елвис „умира пред нејзините очи“. Денес, благодарение на терапијата, таа со олеснување вели: „Кралот се врати“.

Елвис повторно е полн со енергија – оди на прошетки, се капе во езеро, ужива во кратки авантури и дури и „помага“ во градината.
„Тој пак е својот“, гордо заклучува Хедер.