Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со жени носителки на јавни функции и дипломатки го посети Кокино/Фото: Министерство за култура

ФОТО | Костадиновска-Стојчевска: Кокино има огромен потенцијал за развој на локалната економија и туризам

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со жени носителки на јавни функции и дипломатки, го посети древниот локалитет Кокино, една од најстарите опсерватории во светот.

Пешачката тура, со цел афирмација и подигнување на свеста за културното наследство на овој дел од државата, е наречена „Кокино – поглед кон бесконечноста”.

Министерката рече дека Кокино, како културно добро со висок степен на заштита од државата, секогаш ја имало поддршката од Министерството за култура и од експертската јавност, како и од меѓународните фондови.

„Сакам да се заблагодарам за поддршката што нашата култура ја добива и преку Амбасадорскиот фонд на САД. Од 2001 г. до денес се поддржани 15 проекти. Преку овој фонд, во 2006-та се изврши заштита на мегалитската опсерваторија Кокино. Посакувам поддршката да продолжи и за реализација на дел од акцискиот план за Кокино”, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека е моќно чувството да стоите на местото каде што пред 4000 години со поглед кон Сонцето и кон Месечината со неверојатна прецизност се мереле часот, денот, месецот, годината, времето, и додаде: „Вршени се истражувања, собран е и евидентиран богат движен материјал. Кокино е впишано на Тентативната листа на УНЕСКО, но треба да се направи уште многу за да се впише и на престижната листа”.

Според министерката за култура, потенцијалот на Кокино е огромен и треба да се искористи за придвижување на локалната економија, како и за развој на локалниот туризам.

Жените носителки на јавни функции и дипломатки во земјава кои беа дел од пешачката тура „Кокино – поглед кон бесконечноста” изразија воодушевување и задоволство од можноста да го посетат Кокино и изразија надеж дека ова значајно културно и природно наследство ќе се најде на листата на заштитени добра од страна на УНЕСКО.

На пешачката тура „Кокино – поглед кон бесконечноста” ѝ претходеше и посета на црквата „Св. Ѓорѓија” во Старо Нагоричане каде што присутните се запознаа со богатата историја и културното наследство на овој крај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот