
ФОТО | Хановер ќе игра во Европската лига, Алкалоид одигра храбро на реваншот во „Автокоманда“
Вечерва во реванш натпреварот од квалификациите за пласман во групната фаза на ЕХФ Европската лига екипата ракометарите на Алкалоид загуби минимално со 29:28 од Хановер-Бургдорф.
Препорачано
Желни за докажување, РК Алкалоид одигра борбен меч со динамика типична за Бундеслигата. Германците ја прифатија оваа игра и публиката имаше ретка шанса да ужива во брз ракомет со сите убавини и недостатоци што таквата игра ги носи.
Германскиот претставник ќе игра во групната фаза, а тоа се најави веќе по првиот меч кога на домашен терен убедливо го совлада тимот на Кирил Лазаров со 37:27.
Пред стартот на возвратниот дуел, РК Алкалоид го доби шампионскиот пехар од ЕХФ Европскиот куп за минатата натпреварувачка сезона 2024/25.
ФОТО | РК Алкалоид го доби пехарот од ЕХФ Европскиот куп за сезоната 2024/25
Во текот на првото полувреме Хановер беше тимот кој го одржуваше резултатот во своја корист, во еден момент од дуелот имаше и „плус шест“ позитива на семафорот (12:6).
Но, Алкалоид пред паузата успеа да направи серија од 8:2 и да дојде до израмнување на 14:14 што даваше надеж дека македонскиот тим може да дојде до поволен резултат против бундеслигашот.

На стартот од вториот дел повторно се одвои гостинот стекнувајќи три гола предност од 17:14. Но, следуваше нов одличен период на Алкалоид кој направи серија од 5:0 за водство од 19:17 за радост на трибините. Нешто подоцна Алкалоид имаше и 20:18, а последната позитива што ја имаше беше во 46 минута од 24:23.
Се влезе во неизвесна завршница во која Германците успеаја да се вратат, Алкалоид доаѓаше неколку пати до израмнување, последното беше во 52 минута (27:27). Во самиот финиш од дуелот, Алкалоид имаше промашен седмерец, вкупно четврти на мечот, а тоа го казни Хановер кој реализираше два гола во низа и така дојде до нова победа во двомечот со Алкалоид.

Кај стрелците во Алкалоид осум погодоци беа дело на Борзаш, седум имаше Тордарсон, а пет Не. Костески.
На спротивната страна Фишер запиша осум голови, а еден помалку имаше неговиот тимски колега Поулсен.
Хановер-Бургдорф во новата сезона од ЕХФ Европската лига ќе игра во групата Г со Фредериција (Данска), Татран Прешов (Словачка) и Савехоф (Шведска).

РК АЛКАЛОИД – ТСВ ХАНОВЕР БУРГДОРФ 28-29 (14-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Михаил Пирву и Раду Потирниче од Романија. Делегат: Михаил Башев од Бугарија
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (3 одб), Галевски (13 одб), Џонов, Тордарсон 7, Серафимов, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, Ѓоргиев 2, Велковски, Симоноски, Ивановски, Костески 5, Петковски, Митев 2, Борзаш 8, Аларов 1
Седмерци: 1/5 Исклучувања: 4 мин.
ТСВ ХАНОВЕР БУРГДОРФ: Бирлем (17 одб), Гаде, Тисие 2, Поулсен 7, Орлов 1, Стенхаузер 5, Михалчик 3, Ахо 1, Штуцке 1, Солстад, Фишер 8, Фајзе, Вебер, Родригез
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 12 мин.


