
ФОТО | Гробиштата во Бутел „тонат“ во густи и високи треви, надлежните тврдат дека редовно се одржува просторот
Како и насекаде низ Скопје, раззеленија и пораснаа тревите и на градските гробишта „Бутел“, под надлежност на АД Бутел, кои изгледа подзаборавија на своите обврски за средување на огромната површина со која раководат, иако семејствата на починатите плаќаат годишна тарифа токму за одржување на гробните места и на просторот околу нив.
На најголемите гробишта во Скопје, гробиштата „Бутел“, кои се вечен дом на илјадници починати и место каде што има голема раздвиженост на луѓе, гробните места и гробовите во последно време се оставени на грижата на семејствата и на блиските, бидејќи пролетта и дождовите доведоа до раст на тревите околу гробовите, високи дури и над еден метар, правејќи ги речиси недостапни за оние што сакаат да оддадат последна почит или помен на најблиските.
Препорачано

Скопската пролет исполнета и со сончеви денови и со обемни дождови, на многу локации го раззелени градот, особено парковите и околните планини, како и булеварите и пешачките патеки, каде што општините и Градот пребавно реагираа со косење на тревите и поткастрување на гранките што буквално висат врз тротоарите и пешачките патеки.
Како и насекаде низ Скопје, раззеленија и пораснаа тревите и на градските гробишта, под надлежност на АД „Бутел“, кои изгледа подзаборавија на своите обврски за средување на огромната површина со која раководат, иако семејствата на починатите плаќаат годишна тарифа токму за одржување на гробните места и просторот околу нив. Фотографиите од гробиштата покажуваат дека состојбата таму е веќе загрижувачка бидејќи тревите се толку високи, што на одредени места целосно ги покриваат гробовите и надгробните плочи на починатите.
На прашањето до АД „Бутел“ колкава сума плаќаат семејствата на починатите за одржување на гробовите и на просторот меѓу нив и зошто не ја добиваат услугата за која плаќаат, оттаму одговорија дека интензивно работат на косење на тревите на целиот простор, кој се протега на околу 870.000 квадратни метри.
– Цената за годишен надоместок за одржување на гробно место не е променета со години, изнесува 320 денари за една година и е обврска на носителот на правото врз гробното место. Во делот на одржување на гробиштата, тие тековно се косат, се собираат трева/лисја, садовите за смет редовно се чистат со нашето специјално возило за таа намена, а екипите се интензивно на терен и работат особено во пресрет на летото, односно зголемената посетеност на гробиштата – велат од АД „Бутел“.
Гробиштата во изминатиот период честопати се и мета на вандали и крадци, кои последно на неколку наврати во април упаднале на гробиштата, најверојатно навечер и ги сквернавеле гробовите и надгробните плочи. Дали тоа значи дека на овој простор му е потребно значително подобро обезбедување?

Од АД „Бутел“ на оваа тема за „Слободен печат“ велат дека инвестирале во монтажа на камери на сите делови од гробиштата, што се покажало како значително ефикасна одлука и додаваат дека целосно активна е и службата за обезбедување на гробиштата.
– Низ градските гробишта на сите локации има поставено камери што покриваат поголем дел од просторот, досега таа инвестиција се покажа од огромна корист за безбедноста на градските гробишта. Службата за обезбедување е отсекогаш активна исто така на сите локации, која совесно си ја извршува работата во обезбедување ред и мир – велат оттаму.
Во однос на вандализмот, добивме и неколку фотографии на кои беа прикажани крстови насила откорнати од нивните гробови, потоа искршени гробови и оштетени венци со последните поздрави од најблиските, глетка по која ретко кој би можел да остане рамнодушен.

Акционерското друштво располага со гробиштата во Бутел, Ѓорче Петров и Камник, од кои оние во Бутел се значително поголеми од останатите две локации. Според состојбата на крајот на 2024 година, на гробиштата во Бутел, кои се најголеми, има вкупно 870.800 гробни места, во Ѓорче Петров 9.983 гробни места и 6.395 во Камник.
Земајќи предвид дека ова се податоци од извештајот до крајот на минатата година, денес бројот на гробни места веројатно е зголемен.
Гробиштата „Бутел“, како најголеми во скопската регија, најчесто се првата опција за избор на место каде што ќе се погребаат починатите или, пак, каде што луѓето предвреме си ги откупуваат и „резервираат“ гробните места, а цените за нивните услуги се превисоки за повеќето граѓани.
Според информациите од семејства со кои разговаравме, цените за гробно место се движат околу 2.000 евра, а за претходно резервирање на гробното место се уплаќа регуларната цена за откуп на местото и потоа секоја година се плаќа одредена сума за одржување на резервацијата, која според еден од граѓаните изнесува околу 1.000 денари годишно. За финансиските помоќните, пак, постои можност за гробно место во првите редови, односно во парцелите сместени во првите редови од влезот на гробиштата, каде што гробното место изнесува извонредни еден милион денари, или нешто повеќе од 15.000 евра.

Просторот на кој се простираат гробиштата е огромен, со стотици парцели во различни редови, па дури на гробиштата има и воспоставено сообраќаен ред, што го потврдува фактот дека ова место е навистина фреквентно и низ него минуваат стотици, а некогаш и илјадници луѓе дневно.
Иако од АД „Бутел“ сметаат дека активно се работи на косење треви околу гробовите и патеките, и дека службата за обезбедување достојно си ја врши работата, овие гробишта сепак „тонат“ во високи треви и сѐ уште се мета на вандализам.
Навистина е голема површината за надгледување, за надзор и за одржување, но граѓаните заслужуваат трајно решение со кое би се намалил вандализмот по гробиштата со што се оштетува имот од значајна вредност за семејствата на починатите и редовно косење на тревите, особено во претстојниот летен период кога има значително зголемен број посетители.