Фото: „Слободен печат“/Катерина Стевовска

ФОТО | Драган Б. Костиќ ќе го одигра „последниот танц“ на 29 ноември: „Не постои ниту една снимка од моите емисии во архивата на МРТВ“

Македонскиот новинар Драган Б. Костиќ, кој е жива енциклопедија за музика, ќе го одигра својот „последен танц на сцена“ на 29 ноември, со почеток од 20 часот, во спортскиот центар „Јане Сандански“. Настанот е во организација на продукција „Авалон“.

Со музичкиот настан „Последен танц“ ќе се одбележи 50-годишнината од првата емисија од легендарниот радиски проект „Диско селектор“, со којшто многу генерации осознаваа што е добра и квалитетна музика.

„Отсекогаш сум сакал да бидам човек меѓу оној таму и мене. Јас како музика. Човек кој одбира и кој знае што е квалитет, а што е популарно. Тоа не се исти поими. Како што знаете и самите, квалитетот не испливува на површина. Треба некој да го подбутне, треба да се создадат различни и неконтролирани услови за некој пејач или група да успеат. Јас е обидував, врз основа на сопственото искуство, да им покажам што е квалитет на младите. Знам дека не треба да се дискутира на тема вкусови, секој има право на сопствен вкус. Но, ако некој со искуство ти каже дека ова не е така лошо и послушај го, можеби и ќе научиш нешто“, изјави Костиќ на денешната прес-конференција во „Аудиокултура“.

Фото: „Слободен печат“/Катерина Стевовска

Легендарниот радиски водител проговори и за страста кон работата, како и за тоа дека секогаш уживал во тоа да истражува нови информации од светот на музиката.

„Јас правев една емисија којашто се викаше ‘Заборави ако можеш” – 4.661 емисии, а во секоја емисија имаше по десет стории за различни песни. Тоа се 46.661 сторија раскажана за песни за коишто вие не ни знаете дека постојат. И јас за многумина не сум знаел, па сум ги учел истражувајќи“, вели легендарниот радиски водител“, вели тој.

Костиќ вели дека му е драго што, со текот на годините, станал човек на народот и некој што ги враќа луѓето во нивното детство.

„Бидејќи веќе 50 години сум во оваа сфера, секоја бројка изгледа многу голема. Кога ќе кажеш 14.000 емисии, луѓето не можат да сфатат што е тоа 14.000 емисии. Тоа се 14.000 изведбени часови. Па, вие пресметајте колку работа е вложена во нив. По цело ова време, ти доаѓа да кажеш: ‘Не сакам веќе големи настани, не сакам големи сали’. Ако ви кажам дека 12 пати го полнев клубот ‘Колосеум’ со по 2.000 луѓе во публика, ако ви кажам дека 20 пати го полнев клубот ‘Елемент’ со по 2.000 луѓе во публика, тогаш обидете се да сфатите која е таа големина за да си кажеш: ‘Јас би сакал да пуштам музика пред помалку луѓе и тие да уживаат’. Не за да дојдат да се сликаат. Не, не градев таква публика. Градев публика која, кога ќе влезам во такси, таксисот ме препознава и вели: ‘О, па ти си Драган со точка. Ти си човек од мое време’. А, тој помлад од мене 30 години. Со текот на времето стануваш нечиј човек, нечиј Петар Пан. Човек со којшто постојано ќе можат да се вратат во своето детство“, раскажа водителот.

Фото: „Слободен печат“/Катерина Стевовска

Многумина се прашуваат што е она што Костиќ им го подготвува на присутните на настанот.

„Луѓе, па што да има? Размислував да поканам гости, но тоа ќе ме оддалечи од тоа што сум јас. Мојот глас е она што луѓето ги врзува за мене. Јас ќе зборувам, но не многу. Луѓето ќе дојдат да танцуваат на нивната музика, не на мојата. Секој од нив има свој период – седумдесетти, осумдесетти, деведесетти години. За секого ќе има по нешто. Не знам што ќе има, зависи од тоа како публиката ќе реагира. Се надевам дека оваа журка ќе биде она што јас се надевам дека ќе биде. Да биде семејна средба, да доаѓаат сопружици со нивните деца. Сите да играат на својата музика. Исто така, ќе ги замолам да не употребуваат мобилни телефони бидејќи во мое време немаше такви уреди. Би сакал присутните да обрнуваат внимание на она што се случува и да си ги гледаат луѓето околу себе. Нека се видат, нека се препознаат и нека се сетат на некои убави времиња. Можеби нема да биде совршено, но би сакал луѓето да знаат дека сум се погрижил да биде што е можно подобро“, најави тој.

За жал, легендата на македонското радио вели дека не постои ниту една снимка од неговите емисии во архивата на Македонската радио-телевизија.

„Не постои човек што е вечен. Ако не остави зад себе пишан траг, видео, аудио… не постоел. Со голема жал ви кажувам дека не постои ниту една снимена емисија во Македонската радио-телевизија.  Нема нешто што останало зад мене ни ако затреба утре за Ин мемориам. Затоа го правам ова, да остане нешто зад мене, да има по што да ме паметат“, додаде Костиќ.

Фото: „Слободен печат“/Катерина Стевовска

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот