
ФОТО | Брачен пар по четири години конечно дознал кој е човекот што им упаднал на свадбата: „Приказната е урнебесна!“
Невестата Мишел Вајли пред четири години забележала непознат маж на сопствените свадбени фотографии, а сега конечно откри кој е „случајниот гостин“ – и целата приказна е урнебесна.
Препорачано
Темнокосиот странец кој се појавил на нејзините свадбени фотографии од ноември 2021 година, па дури и на официјалната групна фотографија, всушност се нашол на погрешно место, објавува „Дејли мејл“.
Мистериозниот маж се покажа дека е Ендру Хилхаус, 33, сликар од Јужен Ершир. Откако наишол на објавата на Фејсбук, тој признал дека требало да биде на друга свадба со својата партнерка тој ден, но му биле дадени погрешни упатства до локацијата. Наместо во хотелот „Грејт Вестерн“ во Ершир, тој завршил во престижниот хотел „Карлтон“ во Прествик.
„Пристигнав пет минути пред почетокот, го видов гајдаџијата и гостите како влегуваат и си помислив – одлично, ова е местото. Влегов, седнав и кога музиката почна, сите станаа да ја поздрават невестата. И тогаш сфатив – па, не е Михаела! Бев на погрешна свадба“, рекол Ендру.
Тој не се осмелил да стане и да си замине на средина од церемонијата, па тивко ја завршил целата работа, седел околу 20 минути, а потоа се искрадол незабележано. Дури потоа отишол на „вистинската“ свадба, каде, како што вели, ги забавувал гостите цела вечер со приказната за неговата несреќа.
Инаку, 38-годишната Мишел призна дека таа и нејзиниот сопруг Џон со години се обидувале да откријат кој се појавил непоканет на нивните фотографии.
„Веднаш забележавме дека таму има некој што никој не го познава. Прашавме семејство, пријатели, дури и добавувачи, но никој немаше поим. Објавив апели на социјалните мрежи, но без успех. Дури кога го замолив шкотскиот инфлуенсер Даца да ја сподели приказната, го најдовме во рок од два часа!“ открила Мишел.
Таа додава дека го запознала Ендру за првпат неодамна: „Се сретнавме и разменивме приказни, не можев да престанам да се смеам. Тој е навистина прекрасен човек и дефинитивно ќе останеме во контакт.“
Мишел нагласува дека нејзината свадба била „совршена“ без тоа, но оваа бизарна анегдота ги направила спомените уште попосебни.
„Тоа е нешто за кое ќе им раскажувам на луѓето до крајот на животот. На крајот, среќна сум што се случи вака – ако тој си заминеше веднаш, никогаш немаше да се сретнеме и немаше да ја имаме оваа приказна. Сега сè има свој шарм и донесе многу смеа на сите“, заклучила таа.