ФОТО | „БОС В ПЛАНИНA, ОБУЕН В ЧАРШИЈА“: Прилепчанецот Милан Ѓорѓиоски (70) многу врвови искачил бос, а во километри не им се знае бројот

Оние кои шетале со Планинарското спортско здружение „Козјак“ го знаат босиот планинар, собуениот човек. Популарен е по нозете, иако не се женски. Тој ги прекршува правилата на планинарењето оти не носи опрема, ниту и планинарски чевли. На 6 јуни на 24. традиционално искачување на врвот Козјак (1747 мнв), Милан Ѓорѓиоски (70), кого прилепчани го викаат Мице, беше со куси пантоломи и бос. Оди бос в планина, а обуен в чаршија, пишува прилепскиот портал Зенит.

Фото: Зенит Прилеп

– Имам искинато толку „гузерици“ од шетање колку што немаат износено сите планинари во Прилеп. На крајот, и се враќаме на природата. И ова, сите ние што го преживуваме, сме во контакт со природата – започнува планинарот Милан Ѓорѓиоски.

Смешни му се конвенционалните новинарски прашања. Не сака да ги одговара, ги заобиколува. Од кога започнал да шета во природа, зошто ја сака планината… Ироничен е, загадочен, на моменти духовит со одреден сарказам. Заполшки мост му бил првата дестинација, на пет годишна возраст на тутун садење. Сака да ги прескокнува деталите. Интервјуто наместа станува напнато.

-Таа приказна да ја прескокнеме, не е актуелна. Не е интересна. Еден сум од оние што се актуелни во светов, „сурвајвал“. Јас сум нивни учител. Во секакви услови и секаде. На остров пуст сте преживеале? Друга приказна, одевме од Нежилово до Скопје преку Чеплес, Солунска глава, преку Караџица, пеш до Скопје. На Чеплес, со Иле Мингата им направивме јадење од печурки за 45 планинари. Успеав да ги нахранам, набрани и вешто подготвени. Тоа секој го може! – вели Милан.

Фото: Зенит Прилеп

За да се пешачи в планина, за да се изоди некој километар и бос, се е до умот. Што е тоа што на Милан му дава сила, и му е убаво, природно, в чаршија обуен, а во планина бос? Зошто?

– Јас не можам да ви доловам, да ви претставам со фондот на зборови кои ги користам. Треба да се доживее! Има една патека, од Волкосело, па лево кон Мечка, Шумкаров дол, кога ќе тргнете боси, сосема е поинаку. Поинакво е чувството. Не можам да ви кажам какво е! Треба секој да проба и на секој му поскаувам да проба. Барем еднаш! Дали сум единствен? На Олимп имам видено уште еден планинар, бос. Кога ќе ги сретнам луѓето и тие ќе речат, некогаш кога бевме деца, одевме боси. Им велам, оти сега не одите? Ами, дојдовме од Крушејца. Ами, во Крушејца можевте да одите боси, а на Плетвар не можете?! Во што е разликата. Тука е разликата! Јас не практицирам по асфалт во урбана средина да одам бос. И, ако мене ме прашате, на влечкиве има боцки, не е едноставна обувка! Урбаната средина ј ауништув априродата. Не е убаво пешачењето бос по асфалт – разјаснува Ѓорѓиоски.

Фото: Зенит Прилеп

Зарем него камчињата во природа го “галат”, убаво го “скокоткаат”?! Стопалата му се како сусијат, дебели, отрпнати?!

– Не ме скокоткаат. Ме боцкаат камчињата. На Маргара во двете нозе имав по 20 чички, закачив во двете нозе бабин заб (Трибулус Террестрис) што билдерите ги користат за снага. Дваесет овде, дваесет на другата нога. Газев, и на крајот се откажав. Се оди бос, таму каде што можеш да одиш бос. И во снег имам одено и секаде, ама тоа не е бесконечно. По срт ако можеш да одиш 20 метра, не можеш да одиш 20 километри. Ги оставам сандалките по пат и си одам полека. Ако не гледаш каде газиш, ќе се ѕвекнеш. Не пребирам. Упорен сум. На Клепа одиме и некои деца од Неготино викаат по мајка им: Дојди да го видиш босиот човек! Искрено велам, не треба мене да ме гледаат, би сакал луѓето вистински да почувствуваат што е бос одење – вели Милан.

Фото: Зенит Прилеп

Тој 22 пати бос се искачил на Козјак, на Вихрен, на Олимп Митикас, Кораб, Пелистер. Сето бос. Многу врвови искачил бос, а во километри не им се знае бројот.

– Ништо тоа не значи. Тоа не е мерка. Не ми е привилегија. Не сум посебен. Апсолурно ништо не ме прави поразличен од другите. Би сакал и другите да бидат боси, ама не сакаат и тоа е во ред. Сакам да натерам некој кој не ја сака природата, да стане планинар. Оти никогаш нема да разберат кои сме ние планинарите. Одевме на Олимп во јуни 1995-96г. Одам бос и една жена слегува. Маќедонски зборува и вели: Овие нозе ги имам видено на Титов врв! Големо задоволство ми беше што ја сретнав. Таа се воодушеви што ме гледа бос, а јас заради тоа што таа има 65 години и се уште планинари! Годинава бев восхитен на Козјак оти многу млади дојдоа од кои, две третини беа жени. Тоа е иднината на планинарството. Ако жените сакаат да одат на планина, мажите само ќе им се придружат. Има надеж – вели Милан.

За тоа дека може секој се, раскажува приказна како успеал на островот Зларин пред Шибеник да научи белградска студентка да плива за еден час, а која имала страв од вода. Небаре е „истерувач“ на стравови. Човек со кого може да се надминат најголемите фобии. Објаснува дека омилено годишно време му е есента, наспроти пролетта. Му личела на зрела, убава жена која знае што има и што дава.

Нé укори дека не сме го забележале дека носи маица со Санчо Панса и Дон Кихот. Иако ни раскажа анегдота за тоа како го барале Мигуел де Сервантес во Прилеп. На крајот од разговорот, за да се откажеме од пишувањето на сторијата ни рече дека сите новинари кои сакале или се обиделе да пишуваат за него, по неколку месеци починале! Наш предизвик за професијата и “жртва” за читателите.


Извор: Зенит Прилеп

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!