
ФОТО | Бобан Мирковски ни ги разгали срцата со концертот во Филхармонија: Евергрини и поп-хитови спакувани со многу љубов
Пијанистот Бобан Мирковски одржа фантастичен концерт во саботата, во малата сала на Филхармонија. Концертот беше промоција на неговиот нов албум едноставно наречен „Албум“, со внимателно избрани македонски евергрини и поп-хитови со кои младиот виртуоз израснал.
Препорачано
Во срцето, Мирковски го има музичкото богатство на неговиот татко, познатиот музичар и диригент Љупчо Мирковски, чии песни со најмногу емоции отсвире на овој концерт, а таткото со гордост го следеше синот и се поклони пред публиката. Мирковски јуниор го поздрави и својот тетин, познатиот музичар Дамир Имери, кој е продуцент на албумот.
Од раните шеесетти од крајот од минатиот век, слушавме богата изведба на песни како „Галебе мој тажен“, „О, љубов неверна“, „Морска ѕвездо“, „Остани мој“, „Дали ме сакаш?“, „Латино цеде“. Дел од репертоарот на Бобан е и „Нека биде што биде“ од Дарио, кој со сопругата Бојана беше присутен на концертот и со радост го ислуша неговиот хит во инструментална верзија.
„Оваа песна ја изведувам со посебна емоција, ја напиша мојот татко, ја испеа Тоше Проески, а го освои второто место на ‘Макфест’, додека бев дете“, рече Бобан за „Морска ѕвездо“.

Во уште една прекрасна песна која ја компонирал татко му, „Го лажам секој нов рефрен“, му помогна моќниот глас на Агни Авшар.
„Громогласниот аплауз е уште посилен во вака помала сала“, рече младата пејачка и беше сосема во право.
Како гостинка настапи и актерката Ања Митиќ.
„Пред неполн месец, по 17 години се врати манифестацијата ‘Глумците пеат’ од која имав чест да бидам дел и јас. Уште на пробата, се зачудив како една актерка може вака да пее, а потоа дознав дека е и соло-пејачка, со два факултета“, рече Мирковски и ја најави фантастичната Ања Митиќ.

Меѓу песните со кои изненади се најде и „Без здив“ од Верица Пандиловска, „Коњи брзајте“ од Ана Костовска, а тука е и „Џипси меџик“ од Влатко Стефановски. Убавината на овој албум е што е младиот музичар избрал и релативно понови песни и постари, од Александар Џамбазов, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и ги спакувал на едно место со могу љубов, а привилегираната публика уживаше слушајќи ги. Многу заслужено, тој заработи бис и силни аплаузи.
Организатори на концертот се „Баги комуникации“, кои се и издавачи на албумот.