
ФОТО | „Адолесценција“ издоминира на годинашните награди Еми: Петнаесетгодишниот Овен Купер испиша историја како најмлад добитник
Синоќа, во театарот „Пикок“ во Лос Анџелес, беа доделени 77. награди Еми, најпрестижното признание во светот на телевизијата. Годинашната церемонија донесе неколку историски и емотивни моменти, а вечерта беше во знакот на британската мини-серија „Адолесценција“ (Adolescence), која однесе најмногу статуетки.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Најголемо внимание привлече петнаесетгодишниот британски актер Овен Купер, кој ја освои наградата за најдобар спореден актер во лимитирана серија. Со ова, тој стана најмладиот машки актер што некогаш освоил Еми. Купер во серијата го толкува тинејџерот Џејми Милер, обвинет за убиство на соученик.
Во емотивниот говор, тој рече дека сè му изгледа „нереално“ и додаде: „Ова покажува дека ако излезеш од зоната на комфорот, можеш да постигнеш сè“.

Покрај Купер, серијата освои награди и за најдобра лимитирана серија, режија, сценарио, како и актерски признанија за Стивен Греам (најдобар главен актер) и Ерин Доерти (најдобра споредна актерка). Греам доби уште една статуетка и како сосценарист на делото, а на сцената се заблагодари за поддршката и порача дека „секој сон е возможен, без разлика од каде доаѓате“.
Што се однесува до комичните серии, најмногу се зборуваше за „Студиото“ (The Studio), сатира во продукција и со главна улога на Сет Роген, која освои рекордни 13 награди, меѓу нив и за најдобра комедија. Роген, со својот карактеристичен хумор, изјави дека ова му е „прва вистинска награда во животот“.
Во драмските категории, медицинската серија „Пит“ (The Pitt) ја доби главната награда за најдобра драма, а актерите Кетрин Ланаса и Ноа Вајли беа наградени за своите улоги.

Серијата „Разделба“ (Severance) доби две актерски награди – за Брит Лоуер и за Трамел Тилман, кој влезе во историјата како прв црн добитник на Еми за споредна машка улога во драма. Една од најемоционалните посвети ја упати токму Тилман, кој наградата ѝ ја посвети на својата мајка.
Меѓу останатите добитници се истакна Џин Смарт, која ја повтори победата за улогата во „Хакови“ (Hacks), како и нејзината колешка Хана Ајнбиндер, која првпат ја освои наградата и говорот го заврши со пораката „Слободна Палестина“.
Стивен Колбер победи за најдобра ток-шоу програма, само неколку недели откако беше објавено дека неговата емисија се укинува. Тој доби овации и во шега рече дека бара работа за своите 200 колеги.

Церемонијата ја водеше комичарот Нејт Баргаце, кој со необичен хумористичен трик ја скрати должината на говорите – ветувајќи дека ќе донира пари во добротворни цели зависно од должината на благодарностите. На крај, тој и телевизијата Си-би-ес објавија дека ќе донираат 250.000 долари за здружението „Клубот на американските момчиња и девојчиња“.
Тука можете да ја прочитате целосната листа со победници.