
ФОТО | 20.000 евра за болнички кревет: Директорот од Геријатрија, Мухсин Арифи и болничарот Блерим Амити, обвинети дека ѝ барале мито на неподвижна пациентка
Во Кривичниот суд денеска почна и се одложи судењето против ексдиректорот на Клиниката за геријатрија во Скопје, Мухсин Арифи и негувателот од истата јавноздравствена установа Блерим Амити, кои се обвинети за примање мито. Арифи се товари дека за да ја згрижи во болницата 42-годишната пациентка Искра С. која била во тешка здравствена состојба, побарал поголема имотна корист од 20 илјади евра од нејзината старателка, пари што негувателот Блерим Амити како посредник ги примил. Негувателот, како што извести ОЈО ГОКК беше фатен на лице место од страна на полицијата со 20 илјади евра кои што старателката ги набавила претходно – обележани.
Препорачано
Според неофицијални информации на „Слободен печат“, еден од начините на кои се правел обидот да се дојде до имотот на пациентката, бил и барањето таа да склучи фиктивен брак со лице, за тоа да го ќари нејзиниот имот, што секако, не било прифатено.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ кој првично го бранеше Арифи, го откажал полномошното, а новиот адвокат на обвинетите, Скендер Мехмети беше отсутен поради користење годишен одмор. Затоа судењето се одложи за 26 август во 11 часот. Двајцата обвинети беа спроведени во судница од притвор. Судијката Ленка Давиткова информираше дека постапката против Блерим Амити е скратена и за него обвинителниот предлог е примен од страна на бранителот на 31 јули и затоа бараат да се запознаат со предложените докази од обвинителството во оваа постапка. Амити во судница дојде со преведувач. Застапничка на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.

Арифи е обвинет дека како директор на ЈЗУ „13-ти Ноември“ – Скопје, сторил кривично дело – примање поткуп, а негувателот се товари дека сторил кривично дело – примање награда за противзаконито влијание.

Пациентката Искра С. боледувала подолго време, но од февруари 2025 состојбата станувала посериозна, нејзината здравствена состојба барала да биде хоспитализирана во Геријатрија, да има постојана нега и тоа било заведено во медицинската документација. Целта на средбите во кафулињата кои се одвивале меѓу нејзината старателка и сега обвинетите, била да се разговара за тоа дека пациентката мора подолго време да остане во Геријатрија, најверојатно со години, односно дека станува збор за нејзино долгорочно згрижување.

Пациентката прво била впишана на листата за чекање, за што нејзината старателка платила три илјади евра на друг посредник. Но, по некое време, кога станало јасно дека пациентката има недвижен имот на нејзино име, парите за впишувањето на пациентката на листата на чекање ѝ биле вратени, а директорот и посредникот поставиле нови услови за прием на пациентката на Геријатрија, пишува во обвинението. Во неколку наврати, во скопски кафулиња старателката имала средби со директорот и со неговиот посредник – негувател во болницата. Притоа ѝ било побарано да го продаде станот на пациентката, а парите да бидат дадени како мито за пациентката да биде сместена.

На тие средби, како што извести Обвинителството, Мухсин Арифи лично кажал дека знае оти пациентката е материјално добро ситуирана, затоа што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува (имотни листови), па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок на Обвинителството, реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувала пациентката, што не можело да биде реализирано со оглед на тоа што станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.

Како што веќе објави „Слободен печат“, Арифи дента кога беше приведен од полицијата, се наоѓал во дворот на здравствената установа. Според извори на „Слободен печат“ кои не се дел од истражните органи, но биле присутни утрото на Клиниката за геријатрија, тој бил во дворот на установата, нервозен и во исчекување да добие повик или порака на неговиот мобилен телефон, додека неговиот посредник – негувателот, што ги примил 20-те илјади евра поткуп, се наоѓал во автомобил со старателката на пациентката.

Според нашите информации, додека Арифи чекал во дворот, негувателот во автомобилот побарал старателката на пациентката да дојде со него во блиската менувачница за да ги разменат парите (20 илјади евра), најверојатно сомневајќи се дека се обележани банкноти чии сериски броеви се веќе запишани во полициските истражни документи. Меѓутоа, негувателот сепак ги зел парите без да бидат разменети во менувачница, ги ставил во внатрешноста од палтото, излегол од автомобилот и веднаш бил приведен.