
Форум за Преспанското Езеро во фокусот на тридневниот фестивал „Запознајте ја Преспа“
Од денес до 14 јули на неколку локации во Преспа започнува уште едно издание на „Запознајте ја Преспа“, фестивал што ги поврзува луѓето од сите три страни на езерото, го промовира културното наследство на регионот и неколку живописни села познати по својата традиционална архитектура и мирен амбиент.
Препорачано
Во фокусот на тридневниот фестивал ќе биде форумот на кој невладини организации и претставници од општините од трите држави кои ја делат Преспа ќе се обединат да дискутираат за спас на овој уникатен екосистем.
– Преспанското Езеро и неговиот специфичен и богат екосистем се во длабока криза која претставува опасна закана за овој регион познат по богатството на своите природни ресурси. Преспа ја делат Македонија, Албанија и Грција и ниту една од овие три држави сама за себе не е во можност да развие систем кој ќе го спречи сè поголемото повлекување на водите од езерото предизвикано од климатските промени, но, и од човечкиот фактор. Под мотото – Обединети за Преспа од петок до недела во Претор ќе се одржи Форумот за развој на Преспа, кој ќе ги обедини граѓанските организации, како и сите други релевантни фактори од трите држави кои ги делат водите на Преспанското Езеро – велат организаторите.
На Форумот во Претор ќе учествуваат претставници од Фондацијата на езерото Констанц, кое заедно со Преспанското се единствени езера во Европа, чии брегови се протегаат на територијата на три држави, градоначалниците од трите општини во трите држави под чија надлежност се водите на Преспанското Езеро и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир.
– Оваа Фондација има повеќедецениско искуство во одржувањето на единствениот екосистем на ова езеро. Една од точките на дневниот ред е и можност за здружување на сите потенцијали од Македонија, Албанија и Грција за заеднички настап на туристичките берзи каде што Преспа ќе биде понудена како единствена дестинација која нуди посета на едно езеро и три држави. Форумот воедно ќе биде иницијација на заедничка платформа за меѓусебна соработка меѓу граѓанските организации од регионот на Преспа со цел заеднички да конкурираат на повиците за искористување на европскиот фонд за Преспа, тежок 18 милиони евра, а наменет за одржување и развој на природното богатство и цивилизациски значајното културно наследство. Средствата од овој фонд на ЕУ (ЕУ за Преспа) ќе бидат искористени и за изградба на инфраструктурата на граничниот премин Маркова Нога на брегот на Преспанското Езеро, кој ја поврзува нашата земја со Грција – додаваат организаторите на Фестивалот „Запознајте ја Преспа“.
Фестивалот започнува вечерва во селото Брајчино со музичка програма на која ќе настапат Марија Каева, Виолета Качакова, Александар Гавровски и Добрила и Дориан Дуо. Оваа музичка вечер ќе биде посветена на Мирко Попов кој минатата година беше иницијатор на оваа сесија.
Во рамки на Фестивалот, утревечер, на плажата Долно Дупени од 18 до 4 часот наутро ќе се одржи „Дупени Beach Stage“ на кој ќе настапат диџеи од трите земји кои ги делат водите на Преспанското Езеро: Street Outdoors, Antoin, Андреј Мицајков, Berryqyat, Bobax Bole, Gox, Dejan Dex, Ermilova, Katerinha, Herzel, Emily, Labava varijanta, Nastasya Kish, T Zobe.
В недела, на 14 јули, од 12 часот ќе се одржи „Street food“ фестивалот во Брајчино.
Фестивалот „Запознај ја Преспа“ е кофинансиран од Европската Унија.