Крем за сончање/Фото: Mikhail Nilov/Pexels

Флеки на кожата од сонцето што не поминуваат: Зошто настанува хиперпигментација?

Летото, морето, сонцето и базените оставаат пријатни спомени, но за многумина и долготраен проблем: флеки на кожата кои не исчезнуваат ниту по завршувањето на сончевите денови. Хиперпигментацијата настанува како резултат на зголемено производство на меланин, пишува „Е-клиника“.

Што е хиперпигментација?

Најчесто ги погодува лицето, вратот и деколтето – делови кои се постојано изложени на сонце. Наместо да избледат, флеките на кожата често остануваат со месеци, дури и години, и стануваат извор на фрустрација. Нивната боја варира од светлокафеава до речиси црна, а најчеста причина е хроничното изложување на сонце. Кај лицата со потемен тен, овие флеки траат уште подолго и потешко се отстрануваат. Кожата на лицето е особено чувствителна бидејќи е постојано во контакт со УВ-зраците, хормоните и надворешните фактори, па промената на бојата често се појавува токму на тоа подрачје.

Зошто сонцето остава трајни флеки и се формира хиперпигментација

УВ-зраците ги стимулираат меланоцитите, клетките кои произведуваат меланин. Кога доаѓа до прекумерна стимулација, меланинот се наталожува нерамномерно, оставајќи флеки кои не бледнеат лесно. Во текот на летото, кожата ги прима најсилните удари на зрачење, а секое претходно воспаление, акна или иритација може да стане темна дамка под влијание на сонцето. Затоа многумина првпат ја забележуваат хиперпигментацијата токму по сончањето.

Хормони, генетика и сонце: троен ризик фактор

Покрај сончевите зраци, и хормоните значително влијаат на создавањето флеки. Естрогенот и прогестеронот го поттикнуваат производството на меланин, што објаснува зошто проблемот често се јавува кај жените за време на бременост или хормонални промени. Генетиката дополнително влијае на појавата на хиперпигментација, па наследените обрасци на создавање меланин ги прават некои луѓе поподложни на трајна хиперпигментација.

Зошто флеките не исчезнуваат?

Иако понекогаш се очекува флеките на кожата спонтано да избледат, тоа ретко се случува кога се во прашање оние предизвикани од сонцето. Процесот на обновување на кожата е бавен, а постојаната изложеност на УВ-зраците ја продолжува и зацврстува пигментацијата. Така, хиперпигментацијата, наместо да исчезне по летото, останува како „сувенир“ на кожата.

Како да се ублажат и третираат флеките?

Пилинг за обновување на кожата: Редовниот пилинг помага да се отстранат мртвите клетки и да се забрза регенерацијата. Хемиските пилинзи (АХА и БХА киселини) делуваат подлабоко и поефикасно од другите, па се препорачуваат за лица со изразени флеки. Тие ги осветлуваат постоечките флеки и го поттикнуваат создавањето на нова, здрава кожа.

Смирување и заштита од воспаленија: Производите со состојки како ресвератрол, витамин Е или Сентела азиатика го намалуваат воспалението и ја штитат кожата од дополнителни оштетувања. Со тоа се спречува флеките дополнително да се продлабочат.

Кремови за сончање: Заштита број еден: Без разлика на годишното време, заштитниот фактор е задолжителен. Ако СПФ се користи само на плажа, борбата против флеките однапред е изгубена. Кремата треба да се нанесува секојдневно, на секои два часа за време на изложувањето, а дури и во затворен простор ако сте покрај прозорец, бидејќи УВА-зраците минуваат низ стакло.

Контрола на меланинот со осветлувачки препарати: Постојат специјализирани креми и серуми кои го инхибираат производството на меланин. Нивната улога е да спречат појавување на нови флеки и постепено да ги осветлат постоечките.

Според тоа, хиперпигментацијата не е само естетски проблем, туку и знак дека кожата е оштетена од сончевото зрачење. И додека шминката во текот на летото често не е решение бидејќи ги прави флеките уште позабележителни, упорната нега, комбинацијата од пилинг, антивоспалителни производи и задолжителна заштита од УВ-зраците можат значително да го ублажат проблемот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот