
Финска најавува царини за сите производи од Русија
Финска планира да воведе царини за сите производи увезени од Русија, изјави финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен по средбата со полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во Варшава, на маргините на Варшавската конференција за човечката димензија.
Препорачано
„Мора јасно да ги видиме предизвиците што претстојат. Агресивната војна на Русија против Украина не е само грубо кршење на меѓународното право, туку и напад врз принципите утврдени со Хелсиншкиот договор. Тоа е директен напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и отфрлање на нормите што со децении обезбедуваат мир во Европа“, напиша Валтонен во објава на социјалната мрежа X.
Таа нагласи, како што објави Дојче Веле, дека „присилните депортации, нападите врз цивили и воените злосторства“ не се само кршење на меѓународното право, туку и „напад врз самото човештво“.
Во претходна изјава, финската министерка ја истакна важноста на безбедносната соработка со Полска.
„Финска и Полска се поврзани не само преку Балтичкото Море, туку и преку заедничката аспирација да ја направиме Европа побезбедно и попросперитетно место. Ние остануваме цврсто посветени на поддршката на Украина и слабеењето на способноста на Русија да продолжи со својата агресија“, рече Валтонен.
Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, рече дека Финска останува еден од најдоверливите партнери на Полска во ЕУ и НАТО.