Пари / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Финансиските трансакции се речиси невозможни по 16 часот, а фризура не може да направите пред 11 часот!

И не се институциите што едвај ја протуркуваат едната смена од 8 до 16 или од 9 до 17 часот. Онака како што се намалува бројот на работниците, така згаснуваат и компаниите, а искористеноста на производствените капацитети во последните неколку години се движи околу шеесетина проценти од нормалното темпо

Институциите во земјава не им се по мера на ранобудните. Банките, менувачниците, поштите, најголемиот дел од дуќаните и бутиците, фондовските шалтери, па дури и пазарите не ги отвораат вратите пред 8 или 9 часот наутро. Што се однесува до трговските центри, нивното работно време почнува во 10 часот и трае до 22 часот навечер.

Веќе подолго време, не можете да направите фризура пред 11 часот, а и поголемиот дел од козметичките салони, првите клиенти ги примаат по 10 часот. Во таа шема се вклопуваат и шнајдерите, чевларите, точкарите, водоинсталатерите, механичарите. Граѓаните се жалат дека по 16 часот мора да трчаат во ретките банки, пошти или менувачници што работат до подоцна.

Ако задоцните да ја надополните картичката за автобус, ќе мора да барате дежурна трафика, оти добар дел од билетарниците работат само една смена.

– Се работи, колку да се работи и колку што се има кадар. Вака накусо може да се опише она што се случува во македонската индустрија во последните години, а особено се интензивира по пандемијата. Ако, претходно ја обвинувавме транзицијата дека ни ги „изела“ работните места, иселувањето дополнително ги сотре. И не се институциите кои едвај ја протуркуваат едната смена од 8 до 16 или од 9 до 17 часот. Онака како што се намалува бројот на работниците, така згаснуваат и компаниите, а искористеноста на производствените капацитети во последните неколку години се движи околу шеесетина проценти од нормалното искористување. Во изминативе петнаесетина години индустријата работи помалку од една и пол смена, но последните статистички податоци покажаа дека речиси две третини од претпријатијата работат само во една смена. Распоредот на трудот по смени покажува дека најмалку се работи во три смени – околу десетина проценти – велат експертите.

Работењето со скратено работно време или само во една смена, станува тренд и во земјава. За работниците значи повеќе слободно време или можност за уште една смена на друго место, а за газдите е можност за помали трошоци, но и избегнување на финансиските обврски (читај помала плата, неуплата на социјални и здравствени придонеси).

Како и да е, најчестото оправдување за тоа што институциите и услужните дејности работат само во една смена е тоа што им се тенчи кадарот. Последни во низата беа синдикалците од АД Пошта, кои јавно посочија дека недостигаат разнесувачи на пошта и шалтерски работници, а најголемата причина е што над 80 отсто од нив се на минималец. Од друга страна, последната година и индустриските машини стојат во место, а факт е дека нема работа, односно договорени зделки.

Во последно време и скапата електрична енергија и мазутот се наведуваат како причина што на фабриките повеќе им се исплатува да не прават дополнителни трошоци, а работниците, наместо зад машините, се на принуден одмор. Менаџерите очекуваат дека во наредниот период, просечните набавни цени на инпутите малку ќе се зголемат, додека просечните продажни цени на готовите производи ќе бележат опаѓање.
– Ниту една текстилна фабрика во Штип веќе нема втора смена, а никој не работи во саботите. Ако до пред некоја година во Штип вриеше од купувачи од другите градови, сега градот е стивнат. Затворени се и фабричките продавници – вели една жителка на овој град.

Законот вели – полно работно време и под 36 часа неделно!

Според Законот за работни односи, работникот може да склучи договор за вработување со полно и неполно работно време. Работниците што склучиле договор за вработување со полно работно време, не смеат да работат подолго од 40 часа неделно, а не помалку од 36 часа, но во одредени случаи во некои професии, како полно работно време може да се смета и работно време под 36 часа неделно.

За работните места кај кои постои поголема опасност од повреди или здравствени оштетувања, со колективен договор на ниво на работодавач, полното работно време може да трае помалку од 36 часа неделно. На работникот што работи на особено тешки, напорни и штетни по здравјето работи, а чие штетно влијание врз неговото здравје, односно работна способност, не може во целост да се отстрани со заштитни мерки, работното време му се скратува сразмерно на штетното влијание врз неговото здравје, односно работна способност, во согласност со закон и колективен договор. При остварување право на плата и другите права од работен однос, скратеното работно време се изедначува со полното работно време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!