Фото: Принтксрин/Јутјуб

Филмот „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар ја отвори програмата „Хоризонти“ на 82-от филмски фестивал во Венеција

На 82-от Меѓународен филмски фестивал во Венеција, „Мајка“, новиот филм на наградуваната македонска режисерка Теона Стругар Митевска, официјално ја отвори престижната програма „Хоризонти“, посветена на иновативното и естетски смело филмско творештво.

Сместен во Калкута, Индија, во август 1948 година, филмот ја следи Тереза, тогашна претпоставена на сестрите Лорето, за време на седум клучни дена од нејзиниот живот. Таа „нетрпеливо го чека писмото што конечно ќе ѝ овозможи да основа нов ред како одговор на повикот што го добила од Бога“, се вели во синопсисот.

Сценаристите се Митевска, босанската сценаристка Елма Татарагиќ и македонскиот писател Гоце Смилевски. Нуми Рапаче ја игра улогата на Мајка Тереза, заедно со Силвија Хоекс, Никола Ристановски и Лабина Митевска, која е и главен продуцент на филмот.

„Мајка“ е копродукција на Белгија, Македонија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина, како и Амра Бакшиќ Чамо и Адиса Ѓапа од Сараево. Филмот се натпреварува во програмата „Хризонти“ за шест официјални награди: најдобар филм, најдобар режисер, најдобра актерка, најдобар глумец, најдобро сценарио и специјална награда од жирито.

Интересот на меѓународните дистрибутери е веќе потврден – филмот е претходно продаден на повеќе од 15 територии, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Скандинавија, Бенелукс и Полска. Дистрибуцијата во Франција ќе започне на 3 декември оваа година, додека светската продажба ја води Киноглу.

„Ми требаа 25 години за да стигнам до местото каде што сум денес и да го направам „Мајка“, филм кој целосно ме претставува мене и она што сакам да бидам: храбра, смела и слободна. Мајка Тереза беше строга на мајчински начин што го надминува нашето разбирање. Одбравме да ја раскажеме нејзината приказна пред таа да стане икона што ја знаеме. Ја претставувам оваа „Мајка“ речиси како извршен директор на мултинационална компанија – неуморна и амбициозна. Сакам да ги славиме жените како такви какви што се, не само како маченици или вечни жртви, туку како сложени личности со свои амбиции. Таа беше далеку од совршена, но навистина исклучителна“, рече Стругар Митевска, зборувајќи за филмот.

За ликот што го толкува, Нуми Рапаче рече дека снимале во местото, каде што работела и помагала.

„Почувствував колку комплексна личност беше – многу строга кон себе, но и кон другите, со исклучително силни убедувања. Во исто време, таа имаше и огромни моменти на сомнеж и празнина во својата вера, кога не можеше да го чуе Бога или да се поврзе со него, па ги доведуваше во прашање своите мотиви и се казнуваше себеси. Таа е фасцинантна, силна жена во машкиот свет“, додаде Рапас.

82-от Меѓународен филмски фестивал во Венеција ќе трае од денеска се  до 6 септември оваа година, кога ќе бидат објавени победниците на еден од најстарите и најпрестижните филмски фестивали во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот