Екипа од филмот присуствуваше на проекцијата во Пула

Филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски освои две награди „Златна арена“ во Пула

Долгометражниот игран филм „Домаќинство за почетници“, снимен по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“, освои две награди „Златна арена“ на филмскиот фестивал во Пула, кој почна на 11 јули, а се затвора на 18 јули, со прикажување на победничките филмови.

„Домаќинство за почетници“ беше дел од натпреварувачката програма за малцински копродукции и освои „Златна арена“ за најдобра хрватска малцинска копродукција, а хрватскиот актер Владимир Тинтор доби „Златна арена“ за најдобра споредна машка улога за своето остварување во филмот.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а меѓу останатите финансиери е и Хрватскиот аудиовизуелен центар, чија поддршка е реализирана преку хрватскиот копродуцент „Кинорама“ од Загреб.

Златните арени се деветта и десетта награда за „Домаќинство за почетници“, кој до сега е прикажан на повеќе од 70 фестивали ширум светот, а е дистрибуиран во кината во Америка, Австралија, Холандија, Хрватска, Полска и во Македонија.

Светската премиера на „Домаќинство за почетници“ се одржа во 2023 година на филмскиот фестивал во Венеција, а македонската премиера беше на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Филмот беше избран за македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм за 2023 година, а беше дел и од селекцијата за Европските филмски награди, каде доби една номинација.

Дистрибутер на филмот на територијата на САД е „Focus Features“, „Universal Pictures“ е интернационален дистрибутер за останатите територии, а продажните агенти на филмот „New Europe Film Sales“ од Полска го застапуваат филмот на територијата на југоисточна Европа.

Филмот „Домаќинство за почетници“ ќе може да се погледне на 19 и 20 јули во Кинотеката на РСМ, а проекциите ќе почнуваат во 20:30 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот