
Филков ја затвори подотворената врата на Мицкоски за ветераните на ОВК
Тоа што премиерот го кажа таму не се однесува на тоа ние да собереме какви било криминалци, туку се однесува на спроведување на правдата и законите. Вака министерот за правда Игор Филков ја коментираше изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена на прес-конференција минатата недела на Косово одговарајќи на прашањето дали Македонија ќе ги ефектуира потерниците кои Србија ги изададе на поранешни членови на ОВК доколку тие дојдат во Македонија.
Препорачано
– Од лицата што се предмет на потерници, секој оној којшто не ги повредил законите и Уставот на Македонија, секој оној којшто нема конфликт со Уставот и законите слободно може да си дојде, да се прошета, да си ужива и да остане онолку колку што сака. Така што сите оние коишто навистина се во таа насока јас ги повикувам да дојдат. Ние сме, без разлика на нашите етнички и верски различности, мултиконфесионално, мултикултурно, мултиетничко општество. Ние сме научени да живееме едни покрај други и како луѓе и како граѓани, ние сме гостопримливи, можам сите да ги поканам да дојдат да уживаат во убавините на мојата татковина и на тој начин еве да бидат задоволни од нивниот престој таму – објасни премиерот Мицкоски во Приштина запрашан дали во Македонија сè уште се на сила потерниците за ветераните на УЧК и дали овие 2-3 лица, се сигурни да се вратат во Македонија.
„И досега важат потерниците“, потенцираше министерот за правда Филков, алудирајќи на тоа дека новинарите погрешно го протолкувале одговорот на премиерот.
Пред неколку месеци поради потерница издадена од Србија македонските власти го уапсија поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани кој по еден месец домашен притвор, побегна по што Судскиот совет месецов отвори постапка за одговорност од судијата Пајазит Пајазити, но уште нема донесено одлука. Пред два месеци, по бегството на Рамадини, Судскиот совет утврди пропусти во постапувањето на судијата Пајазити во случајот со екстрадицијата на овој поранешен војник на ОВК.
Советот констатираше дека токму судијата Пајазити ја заменил мерката ефективен притвор за Рамадани со домашен без притоа да даде дополнителни објаснувања за причините и не го утврдил начинот на кој полицијата ќе го врши надзорот што резултираше со бегство на Рамадани од државата по поминати 15 дена во притвор.
Што се однесува, пак, до побараната екстрадиција од косовските власти на осудените лица за случајот „Монструм“, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, министерот Филков истакна дека сè уште чека одговор од косовското Министерство за правда и колешката Албулена Хаџиу, со која минатата недела во Приштина меѓу другото разговараа и за овие бегалци.
– Чекаме, таму процедурата е во тек, го чекаме исходот секој момент, кога ќе дознаеме, ќе дознаете и вие – рече Филков.
Министерот Филков уште во јули годинава потпиша барање за екстрадиции за Демири и Африм, кои се доставени до косовското Министерство и се чека на одговор.
Во судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази единствено доби обвинетиот Сами Љута.
Демири во август минатата година беше уапсен на Косово минатата година. Косовските власти досега не одговараа позитивно на барањата на македонските власти за екстрадиција на двајцата осуденици со образоложение дека Косово не екстрадира свои државјани. Демири и Исмаиловиќ покрај косовско поседуваат и македонско државјанство.