Фиксирање на либералната илузија – зошто новиот филм за Наполеон дава погрешна слика за војната

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Што ако противникот е Кутузов. Тој, како и сега Русија, го имал прочитано Наполеон и врз основа на тоа ги анулирал критичните побарувања – предуслови со кои Наполеон се стремел да успее во својата намера. Кутузов ги уништувал ресурсите. Русија сега уништува ресурси во Украина, ама и апстрактни во Западна Европа.

Периодот кој престои е период во кој ќе почнат да се сумираат нештата. Од оваа перспектива на овој форум, најверојатно во наредните неколку броја ќе се занимаваме со анализи кои ќе имаат сумарен карактер и ќе се обидат да дадат видување – како понатаму. Првата работа на кој ќе ѝ се посветиме е сумирањето на она што е постигнато на двата фронта кои беа во фокусот на вниманието. Целата секако е јасна, да дадеме придонес во критичкото размислување и видување на нештата со цел формирање на перспективи за во иднина.
Иако неколкупати, надвор од ваков формат, истакнавме дека нешто сериозно е лошо и несоодветно во пристапот на новите геополитички збиднувања во западната мудрост, овде ќе се посветиме на два од тие аспекта.

Прво ќе се осврнеме на дипломатскиот пристап/политичкиот и потребата за фиксирање – идеја што стана актуелна по искрите кои летнаа помеѓу Урсула фон дер Лаен и британскиот премиер Сунак. Второ, посериозно ќе разговараме за пристапот во употребата на вооружените сили, кој повеќе или помалку е импресиониран од т.н. војна на маневри – историски форсирана од Наполеон, а глорифицирана од Клаузевиц.
За да ги потврдиме тезите ќе се послужиме со актуелни настани кои беа споделени во медиумите, како сензационални или како топ-вести. Во годината која одминува сведоци сме на ерозија на либерализмот.

Таквиот тренд е отсликан, пред сé, во порастот на десничарските движења. Појавата на политичари кои, според некои видувања, пркосат на либерализмот станува тренд низ Европа. Тоа многумина ги доведува во дилема дали вредностите на кои се заснова либералната демократија, а се операционализира преку евроатлантските интеграции, има иднина. Засега би рекле и да и не. Мелони во Италија дрско и без пардон ја отслика Франција како колевка на колонијализмот. Таа негираше сé што е поврзано со идејата за европска солидарност.

Германската дипломатка, за која злобниците обвинуваат е испратена од Меркел во Брисел оти потфрлила во нејзиниот кабинет, Урсула фон дер Лаен, мораше да интервенира на нервозата која Мелони ја истури во однос на мигрантската криза. Дебатата за истата е меч со две острици која, барем засега, е контролирана од либералите со гасење пожари.

 Корпоративен проект-менаџмент

На една страна, фалат луѓе заради чедоморството кое му се случува на либералниот свет на полето на демографијата. Удобниот живот кој сите го посакуваат, полн со хедонизам и трка по благодат – слика за европскиот сон и поддржан од европските вредности уште пред неколку години почна да дава чудни сигнали кои не се ветувачки.

Имено, намалувањето на популацијата која е директен удар за економскиот прогрес и за кој ќе зборуваме во наредниот број, е причината заради која Меркел се обиде визионерски да им удоволи на капиталистите и да ја пополни празнината од работна сила, па наједноставно ги повика мигрантите од целиот свет (или тие така го интерпретираа) да дојдат во Германија. Од друга страна, катастрофалната внатрешна политика и проектите за интеграција кои беа „копи-пејст“ на оние од земјите во кои има постконфликтно уредување, не дадоа резултат. Претпоставката за брзи успеси, повеќе или помалку, ги води западните дипломати да применуваат проект-менаџмент кој е корпоративен, а не државен.

Она што забораваат е дека во бизнисот, покрај желбата за брзи резултати и профит, има луѓе на кои им е јасно дека културата ја јаде стратегијата за појадок. Со други зборови, тие луѓе-легенди во бизнисот, разбираат дека не секоја култура може да даде ист резултат во работата. Пресликано во водењето на државата, голем број на дипломати наивно веруваат дека предностите кои ги носи корпоративното управување може во целост да се применат во управувањето со државата.

Да, би рекле и за ова говоревме во една цела колумна, има резултати, ама тие не се целосни. Овде некаде се јавува и дилемата за тоа дали неинтегрираните доселеници – мигранти кои се уживатели на голем дел од социјалните пакети, може да се интегрираат и да го живеат западноевропскиот сон онака како што тоа го прават оригиналните граѓани на Унијата. Демонстрациите против Израел, нападите во Франција, Холандија, а изминатиот викенд и обидот за напади во Германија, укажуваат на тоа дека нешто дебело е утнато во таа претпоставка – спој на корпоративните и државните цели за брз успех.
За волја на вистината има и поинакви видувања. Лондон, кој многумина не може да го препознаат кога има некакви протести дали е престолнината на парламентарната демократија или некоја земја од Блискиот Исток и арапскиот свет, според некои видувања почна да пројавува интерес за реинтеграција. Расправијата меѓу Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, и британскиот премиер Риши Сунак минатата недела, околу повторното приклучување на Велика Британија во ЕУ дава некои импулси за кои е потребно малку повеќе време. Урсула, која е мошне критикувана во Германија го започна своето милосрдие признавајќи дека ЕУ „потфрли“ со губењето на Британија.

Таа додаде дека тежината да го фиксира овој проблем ќе ѝ падне на идната генерација. Според неа, „насоката на патувањето на Велика Британија беше јасна порака“. Но, таа верува дека Британија еден ден повторно ќе се приклучи кон Унијата. Наспроти овие тврдења, портпаролот на Сунак даде друг одговор. Според него, британскиот премиер не верува дека Брегзит го води Обединетото Кралство (ОК) во опасност како што тоа го имплицира Брисел. Тој на новинарите во Вестминстер им порача дека преку слободата да управува суверено ОК може да го зајакне миграцискиот систем. Дополнително, благодарение на Брегзит, според портпаролот, се обезбедува подобар пристап во дистрибуирање на социјалната и здравствената политика, а со тоа и благосостојбата на граѓаните.

Ако е ова така, тогаш тоа е опасен момент апропо новиот премиер на Холандија, наспроти опортунизмот на Унгарија, политиката на Мелони и идејата за политики во Грција и Финска. За крај, по однос на ова прашање, би рекле левичарите се тие кои фокусирајќи се на ултралиберализмот и индивидуата, од дрвото не можат да ја видат шумата. Во неа, за жал, почнаа да се појавуваат чудни животни. Лекцијата за нас е јасна. Во наративот, политичките елити мора да ја сменат тежата на аргументите зошто во ЕУ?

Во очи на корупцијата која нè тресе, еден од најслабите извештаи од ЕУ, и барем засега, наводни нови скандали со прислушкување, приказните за европскиот сон, кој секако дека е вреден и е задолжителен за нас, мора да се гради на освежени пристапи, не на оние кои се научени како беседа по брзоплетите семинари и конференции за кои, пак, сега самите дипломати се лутат, посебно како се потрошиле парите, ама без притоа да ни кажат дека целата злоупотреба на парите е под нивен мандат и надзор, да не се лажеме.

Западната воена мудрост има проблем

Паралелно на дипломатските работи кои треба да се фиксираат, употребата на сила како инструмент на моќ е нешто што бара сериозно внимание. Контраофанзивата на Украина е јасно на сите дека не успеа. Големите ветувања на некогаш легендарните, инспиративни лидери, како она на Питрејас, некаде во јуни оваа година за тоа како таа офанзива ќе даде плод, пропаднаа. Заглавени во барање на виновник дали тоа е корупцијата во Украина, или е лошата соработка во испорачување на ветената опрема и оружје, или скепсата кај Украинците дека може да успеат против руската агресија, останува неминовен фактот дека западната воена мудрост има проблем.

Тој, по сé изгледа е вклештен во либералниот модел на „најс толкс“ и „до нот рок д боат“, па голем број лидери од западната воена мудрост се претворија од воини во чиновници кои шепотат за опасноста од она што се појави во шумата за која погоре говоревме.
За волја на вистината, примери има кои даваа сигнал или сакаа да го разбудат ултралибералниот утопизам. Сетете се на поранешниот началник на вооружените сили на Словенија, која е единствената земја која паднала на оценување на НАТО, или на германскиот адмирал кој алегорично му се восхити на Путин за храброста, по што канцелариските „стаорци“ експресно реагираа оти нивното чувствително квазилиберално его беше повредено. Во првиот случај, Словенија падна на оценувањето оти тогашниот началник сакаше преку практиката да им покаже на политичарите дека вооружените сили се во очајна состојба. Во исто време, и германскиот воин сакаше да укаже дека приказните за доминација на либералниот свет во секој поглед се минато. Но, тука не е единствено проблемот.

Проблемот е и во тоа што во вистинските воени кругови постои сериозна дебата која се шири со брзина на светлината, дека Холивуд „стајл“ на војување е погрешен и опасен. Тој се заснова на идејата за војна на маневри и водење на т.н. одлучувачки битки. Дека таквиот модел на војување е применлив и има резултати нема збор. Дека дал резултати, исто така, нема збор. Ама тој модел има историски кикс против Русија и е инфериорен на жилав противник. Конкретно, ова е модел на војување кој е прилагоден на либералната политика за чувствителност во мобилизација на ресурсите и употребата на сила (освен кога не е) во единица време. Со други зборови, секој противник во поновата историја кој се спротивставил со сила и истрајал во тоа, го предизвикува овој начин на војување, значи опстанал. Сакате примери, секако.

Земете ги Талибанците, или Ал Асад. Талибанците во оперативна смисла беа буквално во стратешка пауза. Откако се повлекоа коалициските сили само се вратија и продолжија таму каде што застанаа. Ал Асад, пак, од аутсајдер и непожелен, сега го гледаме на сите арапски состаноци и напори за градење став. Во оперативен превод, овој модел на војување (војување врз база на маневри) значи да имате воздухопловна доминација, да имате капацитет за шок и импресија врз противникот преку молскавични дејствија за претпоставки кои, за жал, само САД може да си ги дозволи. Потоа, визијата е дека употребата на сила ќе биде во постконфликтни операции (експедициски). Тоа е војна која ја применувал Наполеон. Новиот филм за него дава насока која е сé, само не вистина во реалноста за европската воена мудрост. Се чини дека таквите претпоставки се длабоко преземени како апсолутна вистина во европската воена мудрост.

Арно ама, тука има еден проблем. Што ако противникот е Кутузов. Тој, како и сега Русија, го имал прочитано Наполеон и врз основа на тоа ги анулирал критичните побарувања – предуслови со кои Наполеон се стремел да успее во својата намера. Кутузов ги уништувал ресурсите. Русија сега уништува ресурси во Украина, ама и апстрактни во Западна Европа. Русија ја користи внатрешната еволуција во либерализмот за да ја скрши волјата за истрајност кај Европејците. Ресурс кој е битен за политичарите, бидејќи се ранливи на јавното мнение и на гласови за наредните избори. Со други зборови за Русија и за Кина времето и ресурсите се релативни.

За Западот и едното и другото не се. Преку масовност и војна врз база на истрошување, Русија во Украина ја уништува волјата и мнението на Европа да истрае во поддршката на Украина. За разлика од она што ни се сервира преку „мејнстрим“ медиумите, за Русија нема големи и мали битки. Секоја битка која ја истрошува западната цивилизација на еден или друг начин е важна. Пример? Да, има, земете ги операциите во Бахмут, тука ќе застанеме.

 Проблемот е во разбирањето на војните на Наполеон

Следен проблем е во разбирањето на војните на Наполеон. Додека за САД овие војни подразбираат масовна мобилизација на ресурси кои Европа ги нема или ги има како потенцијал, ама нема волја да ги употреби – земете ги буџетите за одбрана, на пример, САД е начисто дека за водење на војна врз база на маневар преку одлучувачки битки значи трошок кој се мери во билиони не милијарди.

Во отсуство на релевантни информации за сојузниците на Пацификот, можеби е паметно ако воената мудрост во САД почне да размислува дали и таму, како во Европа, ќе има партнери/сојузници кои ќе чекаат сé да заврши Големиот брат, а тие да уредуваат постконфликтно. Уште ако е како во војната против тероризмот, со ограничувања кои пркосат на самата мисија, тогаш работата е утната од старт. САД засега, по сé она што го гледаме, ако не дај боже дојде до војна во Пацификот, ќе сакаат да наметнат војна преку одлучувачки битки. Дали ќе успее против култура која во поглед на истрајноста е слична на онаа во Авганистан, е тешко да се каже од оваа перспектива.

Она што останува за нас е да ги научиме дел од овие лекции и да почнеме со засукани ракави да работиме на проблемот. Во сите документи дома, на војската се гледа како на ресурс кој е единствен во војувањето и кој треба да биде се само не ресурс за одбрана на државата. Во сите документи срамежливо се зборува за водење војна или воопшто не се зборува за тоа. Се зборува само за кризи.

Тој либерален концепт досега се покажа дека е опасен и погрешен. Дури и за хибридните закани, за кои се беседи дека МВР и Министерството за одбрана, односно полицијата и армијата, треба да бидат како единствен ресурс во кои се бара спас, е погрешен. Современите закани бараат целото општество да се мобилизира во справување со овие ризици. Во услови на длабока поделеност и залутаност за тоа што е македонска нација, што се македонски интереси со ситни центрифугални излети, пред очите на јавноста и на западните дипломати нема решение. Има само опасност за поголемо експлоатирање на неединството и внатрешните проблеми. До тогаш најверојатно ќе се крстиме или молиме на Алах или Исус дека нема да дојде до најлошото. А тоа е почетокот на сите лоши нешта!

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот