Зеленски ја напушта Белата куќа по неуспешниот состанок со Трамп / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Фијаско во Вашингтон: Зеленски ја напушти Белата куќа, договорот за минералите не е потпишан

Украинскиот претседател Зеленски револтирано си замина од Белата куќа по денешната средба, а договорот за украинските минерални суровини остана непотпишан, јавуваат американските медиуми.

Белата куќа соопшти дека прес-конференцијата на американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Владимир Зеленски е откажана, а извор од администрацијата изјави за „Си-ен-ен“ дека по жестоката расправија меѓу Трамп, Зеленски и потпретседателот Џеј Ди Венс, договорот, кој требаше да биде чекор напред во ставањето крај на војната во Украина, останал непотпишан.

Според дел од медиумите, кои се повикуваат на официјални лица во Белата куќа, Трамп „го избркал“, односно го замолил Зеленски да си оди. Изворите велат дека двајцата претседатели по расправијата во Овалната соба отишле во различни простории, а Украинците сакале да ги продолжат разговорите. Но, Трамп им наредил на членовите на неговиот кабинет да им кажат да си одат, според изворите.

Американскиот претседател веднаш по тензичните настани напиша на социјалните мрежи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“.

Претходно, пред да одат на состанокот зад затворени врати, се случи незапаметена кавга пред камерите и новинарите во Овалната соба, во која Трамп го обвини Зеленски дека е неблагодарен за американската помош и дека не сака да склучи мир со Русија, како и дека „се коцка со Трета светска војна“.

-Неверојатно е она што произлегува од емоциите, и јас утврдив дека претседателот Зеленски не е подготвен за мир доколку Америка е вклучена, бидејќи тој чувствува дека нашата вклученост му дава голема предност во преговорите, напиша Трамп на неговата социјална мрежа.

„Не сакам предност, сакам мир. Тој покажа непочитување кон Соединетите Американски Држави во Овалната соба. Може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“, додаде Трамп.

ВИДЕО: Тензично меѓу Трамп, Венс и Зеленски: „Се коцкаш со Трета светска војна, не си благодарен“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот